Novitec ја претстави нивната изведба од F8 Tributo, која доаѓа со многу естетски измени и подобрувања на перформансите.
Во срцето на F8 N-Largo е сместена модифицирана верзија на 3.9-литарскиот твин-турбо V8 агрегат, кој сега испорачува 818 кс и 903 Nm вртежен момент.
Според Германскиот тјунер, овој модел може да забрза од 0-100 км/ч за 2.6 секунди, од 0-200 км/ч за 7.4 секунди и да постигне максимални 340 км/ч.
Ова се значителни подобрувања од стандардниот F8 Tributo, кој постигнува 100 км/ч за 2.9 секунди, 200 км/ч за 7.8 секунди и има идентична максимална брзина.
Сепак, овие перформанси нема да останат сокриени, бидејќи ги наговестува неговиот надворешен изглед. F8 N-Largo доаѓа со целосно променети елемети на екстериерот.
Промените започнуваат од предниот дел каде што има нов браник со изразен карбонски сплитер, а тука се и изменети предни светла, кои се малку помали и поагресивни од оние на стандардниот F8.
Над проширените страничните крила се забележуваат отвори за вентилација со карбонски решетки, а веднаш до нив се поставени нови пошироки странични ретровизори. Воочливи се и пошироки странични крила со поголеми отвори за воздух, како и карбонски прагови.
Позади промените продолжуваат со редизајниран браник, нов заден спојлер и поголем заден дифузер, додека на покривот е поставен канал за довод на воздух кон моторот. Сите нови елементи на екстериерот се направени од карбон фибер.
Покрај тоа, суперавтомобилот е поставен на уникатни сјајно црни 21-инчни фелни, обвиени во 255/30 ZR пневматици напред и 22-инчни фелни обвиени во 335/25 ZR22 пневматици позади.
Novitec ќе произведе само 15 примероци од моделот, од кои сите се веќе распродадени.