Lamborghini ќе произведе само 600 примероци од последниот Aventador – кој ја добива ултимативната, најмоќна изведба на легендарниот V12!
600-те примероци (350 купеа и 250 роудстери) се „големото финале“ на Aventador и традиционалниот V12. Моќниот, 6.5-литарски V12 е доработен да „врти“ до максимални 8700 вртежи во минута и да испорачува 780 коњски сили и 720 Nm вртежен момент – тоа е 40 коњски сили повеќе од Aventador S, односно 10 коњски сили повеќе од SVJ. Дополнително, Aventador Ultimae е 25 килограми полесен од S.
Силата се испорачува кон сите четири тркала преку 7-брзински автоматизиран мануелен менувач, кој менува брзини за 50 милисекунди, а сето тоа резултира со лансирање „до стотка“ за само 2.8 секунди (односно 2.9 секунди за роудстерот) и максимална брзина од 355 километри на час.
Aventador Ultimae добива напредна магнетна суспензија, управување на задните тркала, карбон-керамички сопирачки и специјално прилагоден и подискретен бодикит. Нема никакви непотребни спојлери и отвори за воздух – тука приматот е даден на дискретната (колку што може да биде дискретна) агресивност на Aventador.
Новиот преден браник наликува на оној кај Aventador S, но има активен преден сплитер и специјални отвори за воздух. На задниот дел е поставен активен спојлер со три позиции, а на купувачите ќе им бидат достапни 18 стандардни, односно дури 300 различни бои преку Ad Personam услугата на Lamborghini.
Добар начин да се испрати Aventador во пензија, нели?