ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 2 Coupe! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 2 Coupe!

Новата 2 Series Coupe на баварскиот производител ветува дека ќе ја продолжи традицијата на врвна забава зад воланот во олд-скул купеовска форма!

Погледнете ја новата Серија 2 Coupe и веднаш ќе препознаете за што се работи – гените на минатата генерација се тука, но овој пат во значително помодерна и поекспресивна форма. Предните светла се остри, предната маска на ладлилникот е дискретна и тенка, карактерната линија е остра а задниот дел го дефинираат светлосните групи со неконвенционална графика. Профилот е типично купеовски – долг преден дел, краток заден дел со интегриран спојлер, и гооолеми тркала. Специјална е и новата Thundernight Metallic боја која е ексклузивна само за новата Серија 2, а нам ни наликува многу на Technoviolet од E36 Coupe!

Но и кабината е темелно модернизирана – може да се добијат аналогни инструменти, но и голем 12.3-инчен дигитален панел со инструменти, како и 10.25 инчен мултимедијален уред со „сите нишани“. Забележуваме и спортски седишта, како и грст спортски детали кои доаѓаат од поголемите модели на брендот.

Од BMW кажуваат дека кабината ќе биде и нијанса попросторна во однос на минатата генерација, што пак се должи на дискретно зголемените димензии – новата генерација е 109 милиметри подолга, 66 милиметри поширока и 25 милиметри пониска во однос на претходната, а меѓуоскиното растојание е продолжено за цели 51 милиметар.

Новата Серија 2 Coupe на европските купувачи ќе им биде достапна со три погонски единици. Приказната започнува со 2-литарскиот 220i кој испорачува 184 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат „стотка“ за 7.5 секунди и максимални 236 километри на час. Скалило погоре е 3-литарскиот M240i xDrive кој користи линиски 6-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува моќни 374 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат катапултирање до 100 километри на час за 4.3 секунди и максимални 250 километри на час.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X

Доколку сакате турбодизел, тука е 220d кој добива и лајт-хибридни технологии. 2-литарскиот турбодизел испорачуива 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, доволни за „стотка“ за 6.9 секунди и максимални 237 километри на час.

Секако, понатаму ќе биде лансиран и новиот M2, за кој сега за сега немаме никакви информации, но би очекувале да има повеќе од 450 коњски сили и врвно-доработена шасија. Сепак, останува да почекаме, а во моментов покрај M Sport пакетот кој ги вклучува очекуваните M-модификации и додатоци, достапен е и M Sport Pro пакетот кој меѓу другото вклучува и уште полесни 19-инчни тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.