Германскиот бренд објави дека последниот автомобил со внатрешно согорување во Европа ќе го произведе во 2035 година, од кога ќе продолжи со целосно електрична гама на возила.
Во текот нa неодамнешно интервју со весникот Минхен Меркур, продажниот директор на VW – Клаус Целмер изјави дека брендот ќе го напушти пазарот на возила со внатрешно согорување во Европа до 2035 година, но во САД, Канада, Јужна Америка и Африка ќе се задржи малку подолго.
Целмер исто така откри дека целата гама на Volkswagen ќе стане CO2 неутрална најкасно до 2050 година. Оваа цел не се однесува само на брендот Volkswagen, туку на целата групација.
Ова е последица на новите стандарди во Европската Унија, кои ќе наложуваат 60 проценти намалување на CO2 емисиите до 2030 година, по што ќе следи 100 процентно укинување до 2035, кое ќе го направи производството на возила со внатрешно согорување во иднина невозможно.