ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави новиот T7 Multivan – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави новиот T7 Multivan

Volkswagen ја претстави новата генерација на популарниот ван, која е поставена на MQB платформа и добива plug-in хибридна варијанта.

Новиот T7 Multivan сега ќе ја дели платформата со повеќе фамилијарни автомобили од гамата на групацијата Volkswagen, почнувајќи од Audi A3 па се до VW Caddy.

Визуелно, иако е поширок и понизок од досегашната генерација, T7 сепак е логична визуелна еволуција на Т6 претставен во 2015, па дури и на неговиот претходник Т5 од 2003 година – и со ова Volkswagen наметнува семејна поврзаност меѓу генерациите.

Највпечатлива разлика може да се каже дека е предното ветробранско стакло кое е поместено понапред со што остава простор за дополнителен прозорец помеѓу вратата и А-столбот, резултирајќи со покласичен изглед на моноволумен.

Предниот поклопец е исто така порамен, додека предната решетка и светлата, кои се протегаат во целата должина му даваат на Т7 подинамичен и посовремен изглед. Дизајнерите на Volkswagen ги обоиле отворите за воздух во бојата на каросеријата, слично како кај историските комби модели со воздушно ладење на моторот.

Предните LED светлосни групи ќе бидат вградени сериски, додека пак иновативните IQ.Light matrix адаптивни светла ќе се нудат како опција. Доколку го направите тој избор, ќе добиете и светлечка LED лента во решетката.

Volkswagen темелно го измениле ентериерот на Т7, чии седум седишта се сега 25 проценти полесни, а тоа ги прави да бидат полесни за поместување или отстранување. Вториот ред може да биде завртен за цели 180 степени, додека третиот ред, кој претходно беше клупа, сега е составен од индивидуални отстранливи седишта.

Најновата одлика, е новата паметна маса, која е прилагодлива по висина. Таа може да биде помеѓу било кој ред на седење, или да се помести кон предниот каде станува централна конзола.

Во предниот ред сега има повеќе простор од претходно бидејќи моделот сериски доаѓа со електрична рачна сопирачка и DSG трансмисија со двојна спојка, резултирајќи со целосно рамен под.

Моделот е опремен и со потехнолошки елементи како дигитален инструмент дисплеј, безжично полнење за смартфон и head-up дисплеј, додека во опција ќе биде понуден IQ.Drive асистент за патување, кој ги комбинира адаптивниот темпомат и асистентот за менување на ленти за полу-автономно возење.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.7 GTX - 340 коњски сили и погон на сите четири тркала за спортската верзија на електричниот седан!

Новиот Т7 Multivan ќе може да се добие со два турбо-бензински агрегати: 1.5-литарски мотор со 134 кс и 2.0-литарски мотор со 201 кс или дизелска варијанта со 148 кс, која ќе се приклучи следната година. Сите погонски единици ја испраќаат силата кон предните тркала преку седум-степен DSG менувач.

Новитет е PHEV варијантата наречена eHybrid. Таа комбинира 1.4-литарски четири-цилиндарски агрегат со сила од 148 кс со електричен мотор од 85 киловати за вкупна испорака од 215 кс. Оваа варијанта има можност да се вози на чисто елекричен режим на кратки релации, но Volkswagen не објави колку изнесува тој опсег.

Сепак, купувачите на товарната и останатите верзии со затворени задни прозорци ќе мораат да се задоволат со постарата T6 генерација, која ќе продолжи да се произведува паралелно.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.