ПРЕМИЕРА: Bentley Bentayga S доаѓа со поспортски изглед и повеќе сила – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Bentley Bentayga S доаѓа со поспортски изглед и повеќе сила

Гамата на Bentley Bentayga се зголемува со претставувањето на новата S варијанта, која се приклучува на постоечките V8, plug-in хибрид и W12 модели.

Дизајнирана да овозможи поголема агилност и присуство, Bentayga S се одликува со поспортски екстериер со затемнети светлосни групи, сјајно црни детали и голем заден спојлер за поголема аеродинамичка стабилност при повисоки брзини.

Понатаму, моделот добива и спортски издувен систем со послободен проток, кој испорачува погласен звук со поизразен карактер. Bentayga S е поставен на 22-инчни фелни достапни во три различни бои, како сребрена, сјајно црна и црна со полирани елементи.

Спортскиот карактер продолжува и во кабината со нови седишта со опшиени S логоа на потпирачите за грбот. Моделот исто така добива уникатни детали, осветлени плочки на праговите и дигитален инструмент панел, преземен од Bentayga Speed.

Секако, најприметлива промена е големата примена на Алкантара. Специфичниот материјал може да се најде на седиштата, воланот, менувачот и тапацирот на кровот.

Силата доаѓа од 4.0-литарски V8 кој произведува 550 кс и 770 Nm вртежен момент. Поврзан е со осум-степена автоматска трансмисија и стандарден погон на сите тркала. Ова му овозможува на големиот луксузен SUV да забрза од 0-100 км/ч за 4.4 секунди, пред да ја постигне максималната брзина од 290 км/ч.

Иако овие спецификации се идентични со Bentayga V8, новиот Bentayga S располага со активен систем против навалување во свиоци кој реагира во дел од секунда. Направени се и промени во системот за векторска испорака на вртежниот момент, додека пак режимот „Sport“ нуди подобро чувство и подиректно управување, како и дополнително намалување на навалувањето за 15%.

Поврзано:  Кабриолетот Bentley Batur има 750 коњски сили!


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.