full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai i20 1.2 MPi Impression – Урбан автомобил на новото време!

Со новиот i20, Hyundai покажува дека сите технологии кои ги нуди кај поголемите модели, може да ги понуди и во покомпактно пакување – токму во градски супермини како i20!

Растечкиот тренд на купување разно-разни кросовер и SUV модели како да ги „избрка“ на маргините автомобилите од класата на i20. Но автомобилите од оваа класа се сè подобри – нудат повеќе од доволно простор за секојдневните обврски без притоа да бидат огромни, а од друга страна ги нудат сите технологии кои се нудат и кај поголемите автомобили. И тоа го гледаме кај сè повеќе автомобили од овој сегмент – а најновиот пример за ова е токму новиот i20.

Но како кај еден градски автомобил доаѓаат „играчките“ од поголемите автомобили? Па, започнуваме со поголема платформа – поточно, i20 ја добива K2 платформата на Hyundai/Kia која се користи кај поголеми автомобили – како на пример, кај тековниот i30. Потоа, додаваме доза нови, поефикасни и помоќни мотори, а приказната ја заокружуваме со врвни технологии.

i20 изгледа современо и агресивно – остри и аглести линии ги заменуваат меките и конзервативни линии на минатата генерација!

Како и обично, ајде прво за дизајнот. Веднаш ќе признаеме дека новиот i20 изгледа навистина несекојдневно – острите и аглести линии ги заменуваат меките и конзервативни форми на минатата генерација. На предниот дел вниманието веднаш оди кон големата, агресивна форма која ја создаваат маската на ладилникот и големите предни светла со интересна графика.

Под предните светла се поставени магленките, а карактерната линија на i20 визуелно го двои автомобилот на „горен“ и „долен“ дел. Секако, тука огромна улога играат двобојната комбинација која одлично му прилега, како и големите тркала. Карактерната линија се провлекува скоро до задниот дел, каде доминираат големите задни светлосни групи (кои се можеби нијанса преголеми) и „дифузерот“ интегриран во задниот браник.

Поврзано:   ТЕСТ: Hyundai Tucson 1.6 CRDi Premium - Темелна трансформација!

Секоја чест на дизајнерите на Hyundai – градскиот компакт изгледа современо, самоуверено и храбро.

Модерна и изненадувачки просторна кабина.

Одиме внатре – ја отвораме вратата и нè пречекува ентериер кој многу наликува на оној кај новиот Tucson кој неодамна го возевме. Всушност, распоредот е помалку или повеќе истиот – пред возачот забележуваме дигитални инструменти поставени на 10.25-инчна командна табла, на самиот врв на централната конзола е поставен истиот мултимедијален уред, а под него се контролите за клима-уредот. Дури го добиваме и истиот брз безжичен полнач за мобилен телефон!

Инаку, ергономијата е сосем добра – сите контроли се онаму каде очекувате да бидат, прегледноста е одлична а седиштата нудат сосем доволно странична поддршка. Немаме сериозни забелешки на материјалите во кабината, ниту на завршната обработка. Всушност, тука се забележува огромен скок напред во однос на минатата генерација – да, пластиките во новиот i20 и понатаму се цврсти, но со оглед на сегментот во кој припаѓа тоа и не е некаква забелешка, но затоа дизајнот е модерен и привлечен.

Ќе ја пофалиме и просторноста на задната клупа. Дури и возрасни патници ќе седат комфорно – ќе имаат сосем доволно простор како за колената, така и за главите. Сепак, со оглед на класата на која ѝ припаѓа i20, не препорачуваме да „натоварите“ тројца патници на задната клупа, барем не на подолги патувања. Има и практични додатоци – како на пример USB приклучокот за полнење на мобилен телефон поставен меѓу предните седишта.

Багажникот е повеќе од задоволителен – всушност, i20 е близу до рекордот во класата. На располагање ќе имате 352 литри со исправени задни седишта, односно сосем респектабилни 1165 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Hyundai официјално ја претстави спортската Kona N!

Но кои се технологиите кои i20 ги добива од поголемите модели? Па, дел од пакетот се системите кои се дел од SmartSense понудата на Hyundai – ќе добиете систем за следење на коловозната лента, систем за препознавање и реагирање во случај на нагло кочење на возилото пред вас (кој дополнително препознава и пешаци и велосипедисти, систем кој ќе Ве предупреди кога возилото кое пред вас ќе започне да се движи (особено практично за оние кои „се ѕверат“ во мобилниот телефон додека чекаат на семафор), систем кој ќе ве предупреди доколку има возила во движење позади вас додека се движите наназад, итн..

Ефикасен атмосферец, но ние би го одбрале турбо-бензинецот!

Нашиот i20 дојде опремен со 1.2-литарскиот атмосферски бензинец на Hyundai. Малиот четири-цилиндерски мотор испорачува 84 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 116 Nm вртежен момент од 4000 вртежи во минута. Рака на срце, моторот е сосем адекватен – 100 километри на час пристигнуваат за 13.1 секунда и максималната брзина е 173 километри на час – но ние сепак би го препорачале 1-литарскиот T-GDI турбо-бензинец. Можеби има 1 цилиндер и 200 кубни сантиметри помалку, но затоа има турбополнач и испорачува 100 коњски сили значително подобри 172 Nm вртежен момент.

Инаку, малиот атмосферец се покажа и како економичен – за време на неколкудневното дружење покажа просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри во градски услови. Секако, ќе морате да бидете активни со менувачот и да бидете во вистинскиот степен на пренос кога ќе сакате „да повлече“ – но ќе го пофалиме мануелниот менувач кој е супер-лесен и супер-прецизен.

Поврзано:   Македонска промоција на новиот Hyundai Tucson!

Возењето во новиот i20 е комфорно – дури и на „големите“ (според нашите локални сфаќања) 17-инчни тркала. Суспензијата успева да ги исфилтрира повеќето нерамнини, без притоа да резултира со нагласено навалување во свиоци.

Да, некои нерамнини ќе ги почувствувате, но тоа пак дава чувство дека знаете што прави автомобилот и ви дава доверба во неговите способности. Всушност, ќе кажеме дека во i20 се пренеле дел од гените на спортскиот нов i20 N.

Заклучок: Новиот i20 успешно комбинира храбар дизајн со современи технологии.

И тука некаде ќе го донесеме заклучокот за новиот Hyundai i20. Зошто сметаме дека е урбан автомобил на новото време? Затоа што успешно комбинира храбар дизајн со современи технологии и ги исполнува барањата на целната група купувачи. Време е ваквите автомобили повторно да станат бест-селери – такви се трендовите во Европа, се надеваме дека истите трендови ќе следат и кај нас.

Спецификации

Модел: Hyundai i20 1.2 MPi 84 Impression
Мотор: 1.2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 84 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 116 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: 13.1 секунди
Максимална Брзина: 173 километри на час
Должина: 4040 mm
Ширина: 1775 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1450 mm
Тежина: 1123 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2580 mm
Багажен Простор: 352 -1165 литри
Потрошувачка: 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai i20 1.2 MPi Comfort – 13.300 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai i20 1.2 MPi Impression – 17.600 Евра
Повеќе Информации: Hyundai-MK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.