ТЕСТ: Hyundai Tucson 1.6 CRDi Premium – Темелна трансформација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Tucson 1.6 CRDi Premium – Темелна трансформација!

Низ неколкуте генерации на својот најпопуларен SUV, Hyundai секогаш имаше малку поинаков пристап – наместо да гради врска од еден модел во друг, корејскиот бренд ја кинеше книгата со правила при лансирање на секој нов Tucson. Ајде да зборуваме за најновиот!

Колку е важен Tucson за Hyundai? Многу. Колку многу? Па, повеќе-од-7-милиони-продадени-примероци важен. А тоа значи дека Hyundai дефинитивно нешто „гаѓа“ кога го дизајнира и конструира Tucson. Тоа пак е лесно-забележливо – низ годините, Tucson стана секојдневие на нашите улици, но и на улиците ширум Европа – каде се продадени повеќе од 1.4 милиони примероци.

И кога сме веќе тука, ајде да расчистиме, еднаш-засекогаш. Tucson не се изговора Туксон, ниту Туцсон. Ниту пак – скраја да е – Тускон. Tucson се изговора Тусон, а името го добива од градот Тусон во сојузната држава Аризона во САД. Јасно? Океј, супер, одиме понатаму!

Нов Tucson, нова платформа, нови погонски единици…

Со лансирањето на новиот Tucson, Hyundai на голема врата воведува диверзификација на погоните. Стариот 1.6-литарски атмосферец (заслужено) оди во пензија, а целата гама на погонски единици е освежена и модернизирана – и за прв пат, Tucson добива и плаг-ин хибридна опција. Сакате бензинец? Тука е 1.6-литарскиот турбо-бензинец кој нуди 150 или 180 коњски сили. За фановите на турбодизелот, тука е 1.6-литарскиот CRDi SmartStream кој испорачува 115 или 136 коњски сили. Се чувствувате современо и сакате плаг-ин хибрид? За прв пат можете да го добиете Tucson со вкупно 265 коњски сили кој може да помине до 50 километри на електрична енергија.

Е сега, ајде да зборуваме за нашиот тестен модел. Првиот примерок кој „ни падна“ во раце е Tucson во Premium ниво на опрема, придвижуван од 1.6-литарскиот CRDi турбодизел со 115 коњски сили, кој пак ја пренесува силата кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач.

Нов, радикален дизајн!

Пред подетално да зборуваме за погонот, ајде да „зборнеме“ за дизајнот. Со новиот Tucson, Hyundai воведува прилично радикален дизајн за својот бестселер. На предниот дел (навистина нема друг збор тука) доминра предната маска во која се интегрирани дневните светла. Всушност, дневните светла се „скриени“ во предната маска, додека кратките и долгите светла се поставени под нив.

Профилот е нескриено динамичен – со многу прекршени, но сепак некако кохезивни линии. Динамичноста ја истакнуваат закосените крила околу тркалата кои на Tucson му даваат некоја доза на движење, дури и кога не се движи. На задниот дел вниманието оди директно кон задниот светлосен елемент и издолжените делови од задните светла кои изгледаат како превртена перка од ајкула.

Поврзано:  ТЕСТ: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate - Бескомпромисно различен

Современа кабина која силно силно се потпира на модерните технологии.

Одиме внатре – и истиот храбар пристап од екстериерот продолжува и во кабината. Ако минатата генерација на Tucson изгледаше одлично однадвор, но имаше кабина која изгледаше како да е барем една генерација зад директните конкуренти, тогаш новиот Tucson ги навива работите „до даска“ и силно се потпира на модерните технологии.

Централната конзола како да се обвива околу возачот и совозачот. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, а управувачот е одлично-димензиониран. На централната конзола доминира големиот мултимедијален уред преку кој се контролираат главните функционалности, а под него се поставени контролите за клима уредот. Да, да – и Hyundai го следи трендот на заменување на сите конвенционални копчиња со панели чувствителни на допир – но користењето е лесно.

Сите копчиња „на допир“ се доволно големи за да не морате да лутате да ги најдете, па навистина – немаме забелешки. Немаме забелешки ниту на финалната обработка и квалитетот на материјалите – уште еден сегмент каде Hyundai има направено вистински чекор нанапред. Не сме некои преголеми фанови на пијано-црниот панел околу мултимедијалниот уред бидејќи е вистински магнет за прав и отпечатоци од прсти – но што е, тука е.

Седиштата и управувачот нудат повеќе од доволно прилагодување, па лесно ќе најдете комфорна и прегледна возачка позиција. Сите команди се лесни за наоѓање и логични за користење, а има и многу, многу места за одлагање дребулии и ситници. Ни се допаднаа и практичните додатоци – како на пример брзиот безжичен полнач за мобилен телефон поставен во централната конзола. Nice.

На задната клупа има доволно место за двајца (па и за тројца) патници, а тие ќе добијат и свои контроли за клима-уредот, како и USB приклучоци за полнење паметни уреди. Багажникот нуди капацитет од одлични 598 литри достапни преку голема и широка петта врата, а кога ќе ги спуштите задните седишта капацитетот нараснува на одлични 1777 литри.

Поврзано:  ТЕСТ: Hyundai Kona 1.6 T-GDI Premium 2WD 7DCT - Вон сите правила

Tucson е лесен за секојдневно користење.

Океј, но како е зад управувачот? Најважното што може да се каже за Tucson е дека е лесен за секојдневно користење. Прегледноста е одлична, а за маневрирање во потесен простор имате сензори и камери, сите контроли се меки и лесни за користење а самото возачко искуство е опуштено.

Серво-управувачот е лесен но прецизен. Не пренесува никакви информации од подлогата, но тоа и не е некаква забелешка. Погонот на предните тркала овозможува изненадувачки одлично држење на подлогата, па можете и да се забавувате зад воланот.

Рачниот менувач е лесен и прецизен, но сепак сметаме дека веќе во оваа класа на автомобили вистинскиот избор би бил автоматски менувач – особено новиот 7-брзински DCT со двојна спојка кој го нуди Hyundai.

Навалувањето во свиоци е одлично контролирано, а суспензијата успева да ги исфилтрира скоро сите нерамнини од нашите улици. На отворен пат е изненадувачки тивок (за SUV) па најдете го вашето темпо и лесно ќе поминете стотици, па и илјадници километри.

1.6-литарски CRDi турбодизел со 115 коњски сили.

Пред да заокружиме, набрзина да позборуваме и за моторот. Најновата ревизија на 1.6-литарскиот CRDi ги исполнува сите еко-стандарди и испорачува 115 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Дали тоа звучи како да е малку за SUV кој е тежок околу 1500 килограми? Можеби, но во реалноста се сосем доволни – 100 километри на час пристигнуваат за не-баш-најбрзи-на-светот 12.1 секунда, а максималната брзина е 175 километри на час.

Во реалноста, малиот турбодизел сосем лесно го задвижува Tucson а бидејќи вртежниот момент е достапен од ниски 1500 вртежи во минута, моторот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас. За време на неколкудневното тестирање, измеривме просечна потрошувачка од околу 7 литри на 100 изминати километри – сосем респектабилни резултати.

Поврзано:  ТЕСТ: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate - Бескомпромисно различен

Заклучок: Tucson и понатаму ќе биде бестселер за Hyundai!

На самиот крај, каков е заклучокот за новиот Tucson? Hyundai повторно „ја гаѓа работата во центар“ и со Tucson нуди автомобил кој успева да ги исполни сите очекувања. Дизајнот е храбар и можеби нема да биде по сечиј вкус – но нам ни изгледа современо и забележително. Луѓето по улиците се вртат, го забележуваат и прашуваат за Tucson. Кабината е темелно освежена, погоните се ефикасни… И сега, кога ќе го земеме сето тоа предвид, тешко е да не го пофалиме Tucson. Има причина зошто Tucson е најпродаваниот SUV на Hyundai – и гледајќи ја најновата генерација, сигурни сме дека и понатаму ќе биде така.

Спецификации

Модел: Hyundai Tucson 1.6 CRDi Premium
Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 280 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 12.1 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4500 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина: 1477 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 568 – 1777 литри
Потрошувачка: 7.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai Tucson 1.6 T-GDI Style – 23.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai Tucson 1.6 CRDi Premium – 29.400 Евра
Повеќе Информации: Hyundai-MK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.