АВТОбиографија: Тиберие Киријас и неговата безвременска Volkswagen Буба! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АВТОбиографија: Тиберие Киријас и неговата безвременска Volkswagen Буба!

Денес во АВТОбиографија ќе зборуваме со Тиберие Киријас. Тиберие е сопственик на легендарна Volkswagen Буба, активен член на Буба Клуб Македонија од самиот почеток и еден од најголемите ентузијасти за овие незаменливи автомобили во нашата земја.

Здраво Тиберие! Ти благодариме што одвои малку време да зборуваш со нас. Пред да зборуваме за твојата Буба, кажи ни нешто повеќе за тебе.

Здраво CARclub! Накратко – роден во Скопје, израснат во населба Капиштец, основно завршено во „29 Ноември“ или по ново „Војдан Чернодрински“, средно завршив во гимназијата „Георги Димитров“, а од факултет имам диплома по комуникациски науки и технологии, отсек компјутерски науки. Ме интересираат „гаџети“, сакам што почесто да патувам, a од неодамна почнав да возам и мотор! :D

Ајде да се префрлиме на главната тема – твојата Буба. Малкумина знаат дека таа е вистинско семејно наследство – раскажи ни ја нејзината историја.

Токму така. Бубата е семејно наследство од таткова страна, поточно од дедо ми Тиберије по кого го имам добиено името. Тој ја купил Бубата во далечната 1967 година од „Автомакедонија“ – поточно на 30 Август видено од оригиналната фактура – а била увезена од тогашна Западна Германија. Од тогаш па до ден денес, Бубата е во фамилијата и се надевам дека ќе остане уште многу години преку идните генерации во семејството. Освен дедо ми, едно време во минатото ја има возено мајка ми, па татко ми и на крајот сега јас ја возам.

Бубата е првата кола која ја возев откако положив за возачка дозвола на 18 години, со неа се возев во средно школо, на матурата исто така појдов со Бубата, излегував „во град“ со другарите во тинејџерските години… Подоцна кога се запишав на Универзитетот на Југо-Источна Европа, со Бубата се возевме по три-четири колеги секој втор или трет ден до Тетово и назад. Сепак, среќна околност беше тоа што Бубата долги години беше гаражирана.

Знаеме дека процесот на реставрација на еден автомобил никогаш не е навистина готов – но раскажи ни нешто повеќе околу освежувањето на твојата Буба.

Поврзано:   ID.3 GTX е првиот електричен хот хеч на Volkswagen

Од самиот почеток кога почнав да ја возам Бубата, поради тоа што беше долги години гаражирана и не беше возена, морав да почнам со постепено реставрирање на старите и истрошени делови. Се сеќавам почнав со замена на системот за сопирање, потоа доводот за бензин, замена на четкичките на анлансерот…

Бидејќи Бубата беше оригинално на 6 волти, беше тешко да се најде нов 6-волтен акумулатор, па моравме со татко ми да го порачуваме да го изработат по порачка локално во Скопје. Доста време се мачев со слабите сијалици за осветлување на патот пред колата и воопшто било каква сијалица на 6V беше сè потешко и потешко да се набави, па затоа во еден момент ја заменив инсталацијата на 12 волти, а наместо динамо вградив алтернатор.

Интересен детал беше резервоарот на Бубата која фабрички немаше инструмент за отчитување на количината на гориво во Бубата (според упатството се проверувало нивото на бензин со потопување на дрвена прачка низ отворот за гориво кој се наоѓа под хаубата – хахаха), па неретко ми се случуваше да останам без бензин во тинејџерските години кога немав пари да го полнам резервоарот секој пат до врв и морав да си забележувам, да погледам визуелно во самиот резеровар колку бензин има моментално и проценам уште колку километри можам да поминам. Неретко морав и да ја свртам полугата од резервоарот како би го искористил „резервниот“ бензин… Затоа ми беше многу мило кога успеав да најдам резервоар за Буба од 1967/68 година кој имаше механичка пловка и соодветен инструмент за гориво кој го поставив веднаш до брзинометарот.

Во последните две-три години интензивно работев на реставрирање на сите дотрошени естетски делови, а додадов и некои додатоци од DeLuxe варијантата на Бубата. Деловите ги порачувам од целиот свет – Америка, Германија, Англија, Холандија, Малезија, Турција, Србија… Цената на реставрирање одеднаш би била доста висока, па затоа процесот го делам на помали фази по приоритет, меѓутоа чуството да се вози фамилијарниот олдтајмер е незаменливо.

Поврзано:   VW ID.3 Pro S добива поголема моќност и побрзо полнење

Со ваков автомобил и ваква историја, сигурно имаш многу интересни случки – раскажи ни некоја од нив.

Во почетокот кога почнав да ја развозувам Бубата, ми се случи во возење да ми откажат кочниците! :) За моја среќа, возев полека додека се движев низ градските улици, па лесно и безбедно застанав користејќи ја рачната кочница. Еднаш ми се скина сајлата за куплунг и педалата сосема ми пропадна до крај. Среќна околност беше што ова се случи кога колата беше паркирана и се обидов првиот пат да заверглам.

На факултет, интересно беше кога некои возачи ќе не пристигнеа и се чудеа како 4ца сме во кола, а на рамно Бубата се движи со 125-130 Км/ч. :) Често се случуваше да ни свирнат и нè поздрават, восхитувајќи се на возилото кое го престигнале на автопатот Скопје – Тетово.

Пред две ипол години со сопругата, синот и ќерката која тогаш имаше само два месеци појдовме семејно на Пониква. Во еден момент пред Кочани почнав да слушам звук на тропање кој доаѓаше од предниот дел на Бубата. Излезе дека испаднал еден шраф од петте шрафови на тркалото, и почнал да тропа додека се тркала во раткапната. Како коинциденција, во исто време приметив дека се заглавила стрелката од инструментот за бензин и помислив случајно да не истекол цел бензин… За среќа, излезе дека имаме гориво до врв, само што се скршило делче од механичката пловка. Овие две работи набрзо по нашето враќање беа поправени од страна на мајстор Миле, без чија професионална помош немаше да ја ревитализирам механички и естетски Бубата во последниве 3 години.

Кои ти се омилените делови и детали на твојата Буба?

Моделот на Бубата е 1200cc со 34 коњски сили (машала, н.з.), стандарден модел или т.н. „Sparkäfer“ верзија која има најминимално ниво на хромирани делови и додатоци на неа. Интересно е што овој модел се произведувал од Јануари 1967 до Јули 1967 и има вградени делови кои се уникатни само за тој период, како на пример рачките на вратите, копчињата за светлото за позиција и средни светла, како и копчето за бришачи и прскалката за вода… Исто така, во тоа време, не биле задолжителни следниве две безбедносни додатоци – фабрички нема реле за 4 жмигавци, ниту безбедносни појаси кои биле додаток кој можел да се допорача преку локалните дистрибутери на Volkswagen.

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - 100 километри за 80 денари?

Од детали кои би ги издвоил, многу ми се штосни округлите фарови и јајцевидните задни светла како и копчето за долги светла кое се наоѓа позади педалата за куплунг, минималистичкиот дизајн на воланот и менувачот на брзини. Секако, тука се и звукот на моторот, уникатната миризба на кабината…

Кои се плановите? Што да очекуваме во иднина?

Во план ми е да порачам сончев покрив од Бразил и ја конвертирам Бубата во „rag top“ – опција која била достапна за DeLuxe моделите кои се произведувале до 1963 година, а во периодот меѓу 1963 до 1967 година останала единствено како опција за стандардните Буби кои се произведувале само за европскиот пазар.

Одамна сакам да имам кровен шатор за двајца кој ќе биде лесно-монтажен на кровот од Бубата и нормално, лесно да се расклопува за кратки викенд патувања низ Македонија и балканскиот регион. Можеби ќе инсталирам „air-lift” суспензија понатака… Но ќе видам, прво да видам дали ќе ми созрее таа идеа и прерасне во желба.

Ти благодариме уште еднаш за одвоеното време. На самиот крај, што ќе им порачаш на новите генерации, но и на читателите на CARclub?

Негувајте култура на почит кон историските возила т.е. олдтајмерските коли. За тие што сакаат да купат или имаат олдтајмер, еден совет – не ги продавајте затоа што шансата да се каете еден ден е доста веројатна. Втор совет, ако ги реставрирате, направете го тоа како што ВИЕ сакате. Ваша кола, ваш ќеф!

Галерија

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.