ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави освежениот Kodiaq! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави освежениот Kodiaq!

Токму со Kodiaq, Škoda ја лансираше својата SUV-кампања – и сега со неговото освежување, го продолжува успехот на бестселерот кој се продава на 60 различни пазари!

Освежувањето на Kodiaq започнува со визуелните измени – препознаваме нова, редизајнирана предна маска како и нов поклопец на моторот, нови предни и задни светлосни групи како и нови браници. Kodiaq добива нови алуминиумски декоративни елементи, како и нови предни светла кои за прв пат кај Kodiaq се со LED Matrix технологија. Светлата за магла добиваат нова конфигурација, а на задниот дел вниманието оди кон редизајнираните светла со нова графика. На купувачите им се достапни и нови тркала, со максимален дијаметар од 20 инчи.

Одиме внатре! Од Škoda кажуваат со освежувањето, чувството во кабината оди на сосем друго ниво. Кабината добива нови декоративни елементи, контрастни шевови на конзолата, нови седишта со вентилација и надградено LED осветлување. Стандардните изведби на Kodiaq добиваат двокрак управувач, додека спортските Sportline и RS изведби добиваат поспортски трокрак управувач.

Кога сме кај спортските верзии, Kodiaq добива и новa RS изведба. Пред освежувањето, Kodiaq RS беше достапен со 2-литарски BiTDI турбодизел, а сега се нуди со 2-литарски TSI EVO турбо-бензинец со 245 коњски сили кои се пренесуваат кон сите четири тркала. Kodiaq RS ќе го препознаете по засебниот бодикит и големите тркала кои се аеро-оптимизирани. Кабината добива спортски седишта со контрастни шевови во црвена боја и уште многу други спортски детали.

Во однос на погонските единици, Kodiaq добива нов основен 1.5-литарски TSI EVO турбо-бензинец со 150 коњски сили кој може да се добие со мануелен менувач и погон на предните тркала. Сите други мотори стандардно ќе доаѓаат со 7-брзински DSG, а сите верзии на Kodiaq со повеќе од 190 коњски сили стандардно ќе добијат погон на сите четири тркала. Покрај 2-литарскиот TSI кај Kodiaq RS, достапен е и 2-литарски TSI со 190 коњски сили, како и основниот 1.5-литарски TSI.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Во понудата ќе најдете и два турбодизелски мотори кои добиваат напреден систем за третирање на издувните гасови и како резултат на тоа емисијата на NOx е намалена за до 80%. Ревидираните TDI мотори се достапни со моќност од 150, односно 200 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.