Наследникот на бест-селерот на Volkswagen од денес и официјално е достапен во Македонија.
Да се каже дека првиот T-Roc беше успешна приказна за Volkswagen, нема да се каже доволно. Всушност, до Август минатата година кога и официјално замина во пензија, Volkswagen испорача преку два милиони примероци од првиот T-Roc ширум светот. И токму затоа германскиот гигант одлучи да го инвестира сето знаење во новата, втора генерација на овој SUV.
Новиот T-Roc добива целосно-нов дизајн со модерни пропорции. На предниот дел доминираат широката решетка и светлосниот потпис со осветлено VW лого на средината, додека R-line варијантата добива уште поспортски браници и поагресивен став.
Профилот е препознатлив по декоративниот елемент интегриран во кровната линија, но исфрлените, мускулести крила му даваат на T-Roc посамоуверен став во однос на досегашниот модел.
Задниот дел е чист, со нагласена купеовска форма и широк светлосен елемент со интегрирано осветлено знакче VW. За прв пат, кај T-Roc ќе можат да се добијат и тркала со дијаметар до 20 инчи, а од Volkswagen гордо кажуваат дека аеродинамиката е подобрена за цели 10%.
Целосно е обновена и кабината на T-Roc. Ако досегашниот модел добиваше критики за некои од материјалите во внатрешноста, сега целата кабина на T-Roc е обвиена со поквалитетни материјали и многу внимание е посветено на амбиентот. Пред возачот е поставен 10-инчен дигитален инструмент-панел, а во зависност од опремата ќе добиете 10.4 или 12.9-инчен дисплеј наменет за инфозабавните функционалности, навигацијата останатите технологии.
На централниот гребен е поставен физички контролер (како кај Tiguan) кој може да се користи за аудио-уредот, режимите на возење и уште неколку различни функционалности.
Во Македонија T-Roc може да се добие исклучиво со 7-степен DSG менувач со двојна спојка. Основна изведба во понудата е T-Roc Life со 1.5-литарски eTSI со 115 коњски сили и чини од 36.025 Евра. Истиот може да се добие и со 1.5-литарски eTSI со 150 коњски сили за 40.177 Евра.
Скалило погоре е T-Roc Style кој се добива само со 150-коњскиот турбо-бензинец и чини од 41.337 Евра, а на самиот врв е T-Roc R-Line кој исто доаѓа само со 150-коњскиот турбо-бензинец и чини од 44.067 Евра.
За повеќе информации, посетете ги салоните на VW, или пак погледнете ја официјалната веб-страница на Volkswagen T-Roc.






































