ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави својот знаменосец – новиот C5 X! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави својот знаменосец – новиот C5 X!

Citroën тукушто го претстави својот нов знаменосец – кој оди чекор понатаму и нуди несекојдневна, храбра и супер-комфорна комбинација од седан, караван и SUV.

Со новиот C5 X, Citroen не само што влече инспирација од CXperience концептот од пред неколку години, туку ги зема и дизајнерските насоки од новиот C4 и ги носи во нов екстрем. Ако новиот C4 е интересен купе-кросовер, тогаш C5 X е вистински „кршач на сегменти“ бидејќи комбинира дизајнерски елементи од седан, купе-кросовер, караван и SUV. Новиот знаменосец на Citroen е долг 4805 милиметри, широк 1865 милиметри и висок само 1485 милиметри – несекојдневни и динамични пропорции за автомобил од било која класа.

На предниот дел едноставно доминираат комплексните форми на предните светла и отворите за воздух. Профилот е каравански со опаѓачка кровна линија, а на задниот дел примарниот фокус оди кон задните светлосни групи и гордо-поставениот знак на Citroen. Дополнително, на профилот препознаваме „отсечени“ елементи кои за прв пат ги видовме кај C4, а сега гледаме уште похрабра и поинтересна изведба од нив.

Инаку, C5 X ќе се нуди со плаг-ин хибриден погон, или пак со бензинец. Врвната изведба добива плаг-ин хибриден погон со вкупно 225 коњски сили. Оваа изведба може да вози до 135 километри на час на електрична енергија и има автономија „на струја“ од 50 километри. Секако, сите верзии на C5 X ја добиваат новата Advanced Comfort суспензија на Citroen, додека плаг-ин хибридните модели ќе добијат уште понапредна, Active верзија на овој систем.

Приказната за комфор и опуштеност продолжува и во кабината – C5 X доаѓа со Advanced Comfort седишта, како и грст нови врвни технологии. На централната конзола е поставен нов, 12-инчен мултимедијален уред, пред возачот е поставен напреден хед-ап дисплеј во боја кој на ветробранското стакло ги проектира сите потребни информации, а тука се и сите системи за активна и пасивна безбедност.

Поврзано:  Ова се автомобилите кои ќе се борат за титулата Европски Автомобил на Годината за 2026!

Од Citroen кажуваат дека новиот знаменосец ќе започне да се продава до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.