Македонска промоција на новиот Hyundai Tucson! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска промоција на новиот Hyundai Tucson!

Новата генерација на еден од најпопуларните модели – ако не и најпопуларниот модел – во понудата на Hyundai пристигна и кај нас!


Новиот Tucson е навистина нов – добива нов, забележлив и современ дизајн, нови мотори и нови погонски опции. На предниот дел едноставно доминира новиот светлосен потпис на Tucson кој е навистина уникатен и верувајте, нема да го измешате со ниту еден друг автомобил. Профилот е мускулест и препознаваме многу комплексни форми, додека на задниот дел вниманието го привлекува едноделниот заден светлосен елемент. Навистина, Tucson изгледа одлично! Инаку, екстериерот може да се персонализира – Tucson се нуди во девет бои (од кои три се целосно-нови), а некои бои ќе можат да се комбинираат и со црн кров. Може да се добие со тркала во димензии од 17 до 19 инчи, а за оние кои сакаат уште поспортски карактер, тука е и Tucson N Line.

Исто како и екстериерот, и кабината е темелно модернизирана. Oдделите за возачот и со возачот се целосно одвоени визуелно се спојуваат во централната конзола, во која е поставен 10.25-инчен мултимедијален уред. Пристапот е минималистички, па многу од традиционалните контроли се заменети со помодерни и поедноставни, а пред возачот има уште еден дигитален панел на кој се поставени инструментите.

Tucson добива и многу, многу нови системи за асистенција – Forward Colission-Avoidance Assist, Highway Driving Assist, темпомат кој соработува со навигацијата, интелигентен лимитер на максималната брзина, системи за следење на слепата точка, асистенција за паркирање, автоматски долги светла, систем за следење на сообраќајот позади автомобилот и многу, многу повеќе.

На нашиот пазар, Tucson ќе може да се добие во неколку различни нивоа на опременост – Comfort, Style, Vision, Premium, Impression и Ultimate. Понудата на погонски единици ја сочинуваат 1.6-литарскиот T-GDI турбо-бензинец кој нуди 150 или 180 коњски сили, како и 1.6-литарскиот CRDi со 115 или 136 коњски сили. Во зависност од избраниот мотор, ќе можете да го добиете Tucson со погон на предните или на сите четири тркала, и со 6-степен мануелен или 7-степен автоматски DCT менувач со двојна спојка.

Поврзано:  ТЕСТ: Hyundai Kona 1.6 T-GDI Premium 2WD 7DCT - Вон сите правила

Цените започнуваат од 23.900 Евра за Tucson со 1.6-литарскиот T-GDI со 150 коњски сили, погон на предните тркала и мануелен менувач во основното ниво на опрема. Врвниот бензинец со 180 коњски сили, автоматски менувач, погон на сите четири тркала и Ultimate ниво на опрема ќе ве чини 38.800 Евра. Основниот дизел чини 25.500 Евра, додека врвната дизелска изведба „со сите нишани“ чини 39.900 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.