Пристигна новиот, хај-тек и електричен Volkswagen ID.3! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигна новиот, хај-тек и електричен Volkswagen ID.3!

Автомобилот кој ја започна електричната револуција на германскиот гигант – новиот ID.3 – пристигна во Македонија!

Веќе знаеме многу за ID.3 – кога пред повеќе од една година Volkswagen го претстави ID.3, ја претстави и новата модуларна MEB платформа наменета токму за електричните возила. Сега, конечно – пристигна и кај нас!

Volkswagen ID.3 се нуди во три различни верзии, односно со три различни батериски модули – основната верзија е со батерија со капацитет од 45 kWh која нуди автономија од 350 километри, „средната“ варијанта е со батерија од 58 kWh и автономијха од 425 километри, додека на самиот врв е верзијата со батерија од 77 kWh и максимални 544 километри автономија. Во зависност од одбраната батерија ќе добиете електромотор кој испорачува меѓу 145 и 204 коњски сили.

Сите примероци кои ќе се продаваат кај нас ќе доаѓаат со одлична опременост, а дел од стандардната опрема кај сите ќе биде топлинска пумпа за уште подобра ефикасност. Секако, сите примероци ќе ја добијат целосно-дигиталната внатрешност која дебитираше токму кај ID.3. Импресивното меѓуоскино растојание гарантира и одлична просторна понуда – како на предните и на задните седишта, така и во багажникот. Всушност, MEB платформата овозможува одлична просторна искористеност.

Веќе се објавени и цените на ID.3. На нашиот пазар, цените започнуваат од 36.997 Евра за ID.3 во City ниво на опрема, кој ја носи батеријата со капацитет од 45 kWh и располага со 150 коњски сили. Скалило погоре е верзијата со батерија со капацитет од 58 kWh, која добива електромотор со моќност од 145 коњски сили и која може да помине 425 километри со полни батерии, и чини од 39.454 Евра. Оваа изведба може да се конфигурира и со мотор од 204 коњски сили сили и чини од 40.940 Евра. Врвната батерија со капацитет од 77 kW се добива само со помоќниот мотор, и вака конфигуриран ID.3 чини од 49.818 Евра.

Поврзано:  Буба Клуб Македонија наполни 14 години!

Во зависност од одбраната конфигурација, забрзувањето до 100 километри на час трае меѓу 7.3 и 9.6 секунди, додека сите верзии постигнуваат максимална брзина која е електронски ограничена на 160 километри на час. Основната верзија доаѓа со полнач кон овозможува AC полнење со моќност до 7.2 kW, додека сите други овозможуваат AC полнење со моќност до 11 kW. Сите верзии доаѓаат со можност и за брзо DC полнење со максимална моќност од 100 kW, и во тој случај батеријата се полни од 5% до 80% за малку над половина час.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.