ПРЕМИЕРА: Volvo ќе стане целосно-електричен бренд, го претстави C40 Recharge! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volvo ќе стане целосно-електричен бренд, го претстави C40 Recharge!

Volvo денес ги објави плановите за својата иднина – а иднината на Volvo е целосно-електрична, претставена токму преку новиот C40 Recharge!

Шведскиот бренд потврди дека од 2030 ќе престане да ги продава сите бензински и дизел возила – да, дури и хибридите. Планот е веќе во 2025 дури 50% од продадените возила да бидат електрични а останатите хибридни. Од 2030, Volvo ќе стане целосно-електричен бренд, а првиот модел кој е дел од таа агенда е токму новиот C40 Recharge.

Новиот, електричен купе-SUV е поставен на истата платформа како и XC40 Recharge, но од Volvo напоменуваат дека ова е првиот модел на компанијата кој е развиен „од нула“ да биде исклучиво електричен. Формата е – очекувано – купеовска и C40 наликува на XC40, но забележуваме многу уникатни и привлечни детали. Особено добро ни изгледа задниот дел со новите светла кои се истовремено модерни, но и оддаваат почит на историјата на брендот.

C40 Recharge е придвижуван од два електромотори кои соработуваат со батерија со капацитет од 78 kWh. Системот испорачува 400 коњски сили и 660 Nm вртежен момент и нуди автономија од 420 километри според WLTP мерењата. Дополнително, C40 Recharge е првиот модел на Volvo во чиј ентериер воопшто не е користена кожа, а исто како и XC40 Recharge, и новиот електричен модел добива мултимедијален систем развиен во соработка со Google.

Како дел од најавата, Volvo потврди и дека купувањето на возила ќе се прави исклучиво преку интернет, но дека традиционалните салони и понатаму ќе постојат, како место каде може да се разгледаат и подобро да се запознаат возилата. Сепак, останува да видиме како тоа ќе изгледа во пракса.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.