full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat 500L Cross 1.3 Mjet MTA – Несекојдневен и бескрајно практичен!

Од автомобилите очекуваме да играат многу различни улоги – да бидат овакви, онакви, возбудливи или спортски – но што се случува кога примарниот акцент е даден токму на практичноста? На оваа тема, Fiat 500L има нешто да Ви каже…

Практичноста како да е „безобразен“ збор кога автомобилските ентузијасти зборуваат за автомобилите. Автомобилот треба да е брз, треба да е возбудлив – но практичен? Пфф.. Сте си ја продале душата, сте дигнале раце од возбудата. Сте ги облекле топлите, комфорни влечки и чекате пензија. Тоа е тоа.

Но реалноста е мааалку поинаква. Односно – навистина поинаква. Во реалниот свет, кога одбираме нов автомобил, практичноста неретко игра огромна, па дури можеби и доминантна улога. Зборуваме за просторност, за комфор, за прегледност, маневрабилност… Сето тоа можеме убаво да го сумираме во еден збор – практичност.

И токму тоа некако нè води до темата на денешната дискусија – а тоа е Fiat 500L – и тоа во неговата трендовска, Cross изведба.

Двобојната комбинација одлично му прилега на 500L.

Ајде прво за дизајнот. „Нашиот“ 500L е во привлечна двобојна комбинација – портокалов екстериер и бел кров. Плус, тука се и поголемите и поробустни браници, како и нијанса повисоката суспензија кои се дел од Cross пакетот, како и црните алуминиумски тркала.

Комбинацијата е – ќе признаеме – несекојдневна, но во нашите очи интересна. Секако, тука се и препознатливите 500-детали – од малите предни светла, до фанки ретро-деталите кои асоцираат на незаборавното Furgocino од пред половина век. Fiat има боооогата историја – и многу паметно се навраќа на неа кога треба.

Ни се допаѓаат и заштитните панели кои се дел од Cross пакетот, како и сивите декоративни елементи околу задните светла. Сè на сè – дизајнот е несекојдневен, но во оваа комбинација – забележителен и интересен. Да, тешко е да се направи оваа форма да изгледа привлечно – но на дизајнерите на Fiat им успеало.

Поврзано:   Има нешто зелено во салонот на Fiat - Abarth 595 Competizione во Hyper Green Nero комбинација!

Токму во кабината, 500L го оправдува своето име!

Одиме внатре, каде наоѓаме кабина која е инстантно-препознатлива, но функционалноста е на сосем друго ниво. На прв поглед, работите не се баш возбудливи – но да почнеме со ред. Возачката позиција е одлична – се седи високо, а големите стаклени површини и формата на 500L гарантираат врвна прегледност.

А-столбот е поделен на две потенки „гранки“ и во средината е поставено големо стакло – а ова дополнително ја олеснува прегледноста. Инструментите се јасни и лесни за користење – пред возачот се поставени конвенционални, аналогни инструменти, додека на централната конзола е поставен Uconnect мултимедијален уред, под кој се поставени контролите за клима уредот.

Околу целата кабина ќе најдете места за одлагање ситни и не-толку-ситни нешта – има големи џебови во вратите, простор пред менувачот како и во централниот гребен. Од Fiat кажуваат дека има дури 22 места за одлагање ситници. Пред совозачот има дводелна касета, а просторната понуда ширум кабината е одлична.

А кога сме кај просторната понуда – 500L го оправдува името со просторот кој го нуди на задната клупа. Задната клупа може да биде поместена нанапред или наназад, и со тоа да понуди повеќе простор за нозете, или пак повеќе багажен простор.

Сакате уште повеќе простор во багажникот? Задните седишта се преклопуваат за да добиете пристап до пештерски-големи 1486 литри. Плус, хоризонталната полица во багажникот може да биде поставена на неколку различни нивоа – навистина редок, но повторно – навистина практичен детал. Браво!

Економичен 1.3-литарски Mjet турбодизел – едвај 5 литри на 100 километри во град!

Задолжен за задвижување на нашиот 500L беше 1.3-литарски Mjet турбодизел кој испорачува 95 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 200 Nm вртежен момент достапни од 1500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку Dualogic роботизиран мануелен менувач. На прво „седнување“ менувачот е малку чуден – бидејќи сепак е мануелен менувач кој е „автоматизиран“ – но прифатете го како и секој друг автоматски менувач и одлично „си брка работа“.

Поврзано:   Volkswagen Golf е најпродаваниот автомобил во Мај 2021 во Европа

Перформансите не се застрашувачки – 100 километри на час пристигнуваат за 15.5 секунди а максималната брзина е 163 километри на час. Поубедливи се меѓузабрзувањата – 500L со овој мотор и менувач во ниту еден момент не заостанува во градскиот сообраќај, а вистинската награда доаѓа во форма на исклучителната потрошувачка – со внимателно возење измеривме просечна потрошувачка од нешто над 5 литри дизел на 100 изминати километри.

Кога станува збор за искуството зад воланот – тука повторно главниот акцент е даден на леснотијата на возењето и комфорот. Суспензијата не е прецврста и успешно ги филтрира повеќето нерамнини од подлогата. Серво-управувањето е прилично прецизно и лесно а авоматскиот менувач е добредојден додаток во градскиот метеж. 500L не е спортски автомобил – и не ни треба да биде. Неговата намена е да понуди комфорно и безбедно патување – и тоа го прави со исклучителен талент.

Сето она кое му е потребно на ваков автомобил.

Збор-два и за опремата. Едноставно, мораме да го пофалиме тестниот автомобил – покрај Cross пакетот, добивме и седишта обвиени во комбинација од кожа и текстил, електрично нагодување (и загревање) на ретровизорите, управувач обложен во кожа, мултимедијален уред со Apple CarPlay и Android Auto, сензори за светлина и дожд, автоматски двозонски клима уред, практичните задни седишта, LED дневни светла, селектор за неколку различни режими на возење, темпомат, централен наслон, паркинг камера, амбиентално осветлување, 18-инчни тркала…

Вистинските супер-моќи на 500L доаѓаат до израз кога ќе ги откриете неговите вистински таленти.

И сега, каков е заклучокот кога зборуваме за Fiat 500L? Да, да, океј, во ред – ова не е највозбудливиот автомобил на светот. Вистинските супер-моќи на 500L доаѓаат до израз кога ќе ги откриете неговите вистински таленти – а тоа се леснотијата во возењето и она, вистинската практичност. Кога ќе уживате во лесниот пристап, во веселиот дизајн и разиграните бои, како и во скоро недопирливата модуларност на ентериерот. Тука 500L е безмалку без конкуренција!

Поврзано:   Пристигна Fiat 500C Dolcevita!

Спецификации

Модел: Fiat 500L Cross 1.3 Mjet MTA
Мотор: 1.3-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 95 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Dualogic, 5 брзини
0-100 км/ч: 15.5 секунди
Максимална Брзина: 163 километри на час
Должина: 4276 mm
Ширина: 1800 mm
Висина: 1658 mm
Тежина: 1385 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2612 mm
Багажен Простор: 400 – 1486 литри
Потрошувачка: 5.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat 500L 1.4 Urban – 12.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Fiat 500L Cross 1.3 Mjet 95 MTA – 17.800 Евра
Повеќе Информации: Fiat.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.