Renault ја претстави новата, радикална Renaulution стратегија за трансформација на брендот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Renault ја претстави новата, радикална Renaulution стратегија за трансформација на брендот!

Утринава Groupe Renault го претстави својот нов стратешки план кој го нарекува Renaulution, преку кој детално ја објасни новата стратегија на брендот за следните неколку години – која вклучува електрични возила, нови модели на Dacia и трансформација на Alpine во спортски електричен бренд!

Според Luca de Meo, кој од неодамна е на челото на брендот, новата стратегија на Renault е „длабока трансформација“ на бизнис моделот на брендот. Според него, најважната работа која ја носи новиот план е промената на фокусот – наместо зголемување на продажбата, да се концентрираат на зголемување на вредноста и профитабилноста на возилата. Според De Meo, фокусот кон зголемување на профитабилноста по возило значи и намалување на производството – Renault сака да го намали производството од 4 милиони возила во 2019, на 3.1 милиони возила во 2025.

Првиот дел на планот се однесува на зголемување на маргините, додека втората фаза која ќе трае до 2025, ќе се фокусира на целосно обновување на понудата на главните брендови на групацијата, со цел да се зголеми профитот. Кога тоа ќе биде постигнато, третата фаза која Renault ја нарекува „Револуција“ ќе започне од 2025 и ќе се насочи кон преиначување на бизнис модел кој ќе се фокусира на технологија, енергија и мобилност.

Дополнително, De Meo напомена дека половина од профитот на Renault доаѓа од само пет европски земји, но напомена и дека на некои пазари, брендовите Dacia и Renault се станати премногу блиски и дека е потребна појасна диференцијација на трите брендови под капата на Renault.

Според новиот план, Groupe Renault ќе ги фокусира своите производи – а тоа ќе го направи со префрлување од шест на три платформи кои ќе бидат основа за дури 80% од моделите. Дополнително, погонските фамилии ќе бидат намалени од 8 на 4 и сите модели кои ќе се лансираат на тековните платформи ќе бидат пристигнат на пазарот во следните три години. Планот на Renault е веќе од 2025 да се фокусира на еден бензински погон (со можност за хибридизација), еден електричен погон, еден погон на водород, како и еден дизелски погон – кој ќе биде резервиран само за лесните комерцијални возила.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Renault 5 E-Tech е електричен Ренолуционер!

Renaulution планот со себе носи и нови стратегии за трите клучни брендови на Groupe Renault.

Renault ќе стане лидер во електрификацијата, и тоа до 2025. Дополнително, во соработка со американската компанија Plug Power ќе понуди возило на водород наменето за пазарот на лесни комерцијални возила во Европа. До 2025, половина од лансираните модели на Renault ќе бидат целосно електрични, а 35% од вкупно-продадените возила ќе бидат хибридни. Брендот ќе добие фокус кон современоста и иновациите.

Alpine станува целосно-електричен бренд и ќе биде задолжен за спортските и перформансни возила на Groupe Renault. Според најавеното, под капата на Alpine ќе бидат и Renaultsport и моторспорт дивизиите, како и Renault F1 тимот кој сега е ребрендиран во Alpine F1. Веќе се потврдени плановите за Alpine – ќе биде лансиран електричен хот хечбек, спортски електричен SUV како и спортски автомобил кој најверојатно ќе биде развиен во соработка со Lotus и ќе биде замена за тековниот А110.

Dacia и понатаму ќе се фокусира на буџет-ориентирани возила, но потврдено е дека во иднина Dacia ќе понуди и поголеми возила од Ц-сегментот. Според планот, Dacia ќе добие нов бизнис модел и бројката на платформи ќе биде скратена од 4 на само една, додека каросериските изведби ќе бидат оптимизирани и наместо сегашните 18, ќе се нудат само 11. De Meo изјави дека „Dacia ќе остане Dacia – ќе нуди достапни продукти базирани на достапни и проверени технологии.“

Секако, во целата приказна е инволвирана и легендаранта Lada, односно Avtovaz. Lada и понатаму ќе ја користи својата водечка позиција на рускиот пазар, но Avtovaz ќе ја продолжи трансформацијата во компетитивен производител во рамките на Groupe Renault. Преку дополнителна соработка меѓу Dacia и Lada и екстремно-ефикасната CMF-B платформа и врвната локална интеграција (односно, користење на локални, руски ресурси), Lada планира да лансира 4 нови модели до 2025 – меѓу кои е и целосно новата Niva во 2024 и нов модел во C-SUV сегментот.

Поврзано:   ТЕСТ: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic - Megane за новите времиња

Конечно, Renault го претстави и новиот Mobilize бренд, чија задача е да го обезбеди нови насоки преку услуги за мобилност и енергија. Mobilize ќе ѝ овозможи на Renault Group забрзано да влезе во светот на мобилноста и да понуди дополнителни услуги како за брендовите, така и за надворешните партнери. Mobilize има три клучни мисии – да се зголеми времето на користење на автомобилот (статистиките покажуваат дека 90% од времето не ги користиме нашите автомобили – тие едноставно стојат паркирани), подобро управување со вредноста на автомобилите и постигнување на нулти карбонски отпечаток.

Mobilize ќе понуди четири специфилно дизајнирани возила – две за споделување на возења, едно за повикување возење и едно за испораки во „последен километар“ ситуации. Овие возила ќе бидат достапни преку иновативни начини за финансирање – претплата, pay-as-you-go системи, итн и ќе бидат поставени на независна, дедицирана софтверска платформа. Интересно е дека со овие возила, Renault воведува и нови услуги за одржување.

Амбициозно, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.