АНАЛИЗА: Со Jeep Compass 4xe меревме колку бензин троши плаг-ин хибридно возило „на отворено“ – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АНАЛИЗА: Со Jeep Compass 4xe меревме колку бензин троши плаг-ин хибридно возило „на отворено“

Скоро секој пат кога зборуваме за хибриден или плаг-ин хибриден автомобил, скоро неизбежно некој го поставува прашањето – „ама колку троши на отворено“. Токму затоа, одлучивме повторно да го позајмиме одличниот Jeep Compass 4xe за да дадеме конечен одговор на ова прашање.

Compass 4xe веќе добро го познаваме. Всушност, неодамна го имавме на неколкудневен тест и самите се уверивме во ефикасноста на неговиот напреден хибриден погон. Сепак, нашите читатели нè прашаа каква е потрошувачката на бензин на отворено – односно, што кога ќе се потрошат батериите? Па, ајде да го одговориме тоа прашање.

Приказната започнува еден четврток наутро. Времето не е баш идеално за тестирање на потрошувачката, ниту пак не е најпријатно време за возење. Тргнуваме обвиени во магла и дожд, а слично време ќе нè следи во текот на целиот ден. Ги замоливме нашите пријатели од Automobile SK да го подготват возилото – односно, батериите да бидат полни и да ни дадат кабел за полнење. Така и беше – тргнуваме со полни батерии а индикаторот покажува автономија од 50 километри на електрична енергија.

Нашата рута е добро-позната за многу македонски возачи – тргнуваме од Скопје, преку Тетово, Гостивар, Стража и Пресека, па Кичево – до Охрид. Таму ќе го искористиме полначот на ЕВН поставен во центарот на Охрид, и потоа ќе се вратиме назад. А ако негодувате за второто полнење во Охрид – тогаш не ја разбирате поентата на плаг-ин хибридно возило. Плус, ваквата комбинација од автопат и магистрален пат, нагорнини и надолнини – и секако, возење во двата правци – го прави нашиот супер-научен експеримент малку повалиден.

Правилата на игра се следните – возиме од Скопје до Охрид и возиме со максимално-дозволената брзина, односно во согласност со условите на патот. Ова го правиме за да добиеме што е можно повалидни резултати – лесно е да се вози супер-споро и да се извадат пониски бројки, или пак да се „лета“ и да се добијат нереално високи бројки. Колку за потсетување, Jeep Compass 4xe комбинира 1.3-литарски турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, со електромотор кој испорачува дополнителни 60 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Електромоторот е „хранет“ од батерија со капацитет од 11.4 kWh, а вкупната, системска моќност е 190 коњски сили.

Поврзано:   ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude - Градски фраер!

Е сега… Тука „стапува на сцена“ магијата на хибридниот автомобил. Односно, признаваме дека е потребно малку повеќе планирање и рационално користење на батериите и електромоторот кога се вози на автопат за да се извлече вистинскиот максимум. Зошто го кажуваме тоа? Па, Compass 4xe може да вози „на струја“ при брзини до 130 километри на час. Сосем лесно би можеле да возиме на електрична енергија до Тетово, да ги испразниме батериите и потоа примарно да го користиме 1.3-литарскиот турбо-бензинец. Но – како што и самите видовме –  тоа не би било правилно.

Слично внимание бара и системот за регенерација, односно за полнење на батериите. Да, секој пат кога ќе ја отпуштите педалата за гас, системот за регенерација поинтензивно го успорува автомобилот и ги полни батериите – но дали сакате да го правите тоа на рамен пат, или пак на нагорнина? Тоа само значи дека по краток процес на регенерација само ќе треба пак да „дадете гас“ за да забрзате на саканата брзина. Затоа, и тука треба малку повеќе внимание и размислување.

Тргнуваме од Скопје. Индикаторот покажува дека возиме на струја и за неколку минути го напуштаме главниот град. Првите неколку километри ги возиме на струја, а потоа го вклучуваме E-Save режимот. Во овој режим, бензинецот е примарно задолжен за задвижување на автомобилот, а батеријата „ја чуваме“ за оние моменти кога ќе биде навистина потребна. Да бидеме искрени – нема потреба да ја трошиме за возење 80 километри на час на правата делница од Тетово до Гостивар, нели?

Вистинските придобивки од електромоторот доаѓаат во оние ситуации во кои бензинецот повеќе троши – а тоа е кога одиме по нагорнини, односно кога се качуваме на Стража. Кон мекиците, нели. Тука го користиме електромоторот за да му помогнеме на бензинецот и да извлечеме пониска потрошувачка. Маглата сè уште не следи, па не ни можеме многу-многу да брзаме – и едноставно уживаме во возењето.

Поврзано:   Jeep го најавува Wagoneer S - ќе има 600 коњски сили и ќе забрзува „до стотка“ за 3.5 секунди!

По кратка пауза – и мекици, нормално – на Стража, преку Пресека се спуштаме кон Кичево. Батериите се испразнети и сега е вистинскиот момент да се искористи поагреисвниот режим за регенерација.

Се спуштаме од Стража и скоро и да нема потреба да ги полниме сопирачките, а на крајот батериите покажаа од 0 сме „наполниле“ доволно струја за да можеме да поминеме 15-тина километри.

Сличен „танц“ играме сè до Охрид. Пристигнуваме во центарот и ги наоѓаме полначите на ЕВН (и како што напоменавме минатиот пат, такви низ Македонија има 40-тина). Пред двата полначи има две паркинг места. Индикаторот покажува дека до тој момент сме поминале вкупно 174 километри, од кои 107 биле на бензин, а одлични 67 километри на електрична енергија. До моментот на пристигнување во Охрид просечната потрошувачка на бензин е 5.5 литри на 100 километри.

Едното паркинг место пред полначот (секако) е зафатено од несовесен возач – но тоа е тоа. Да се надеваме дека ваквите текстови ќе помогнат да се подигне свеста за овие работи. Го вклучуваме нашиот Compass 4xe на полначот и за нешто повеќе од час батериите повторно се полни.

Го користиме тој час за кратка прошетка и една рибина чорба, како и дружење со (налудничавите) галеби кои се во близината на охридското пристаниште. Време е за враќање кон Скопје. Ајде да го земеме Compass!

Батериите наполнети, чорбата изедена. Одлична беше! Време е да тргнеме назад. Трнуваме и – секако – сè до излезот на Охрид се движиме на струја. Лекцијата е научена – ја играме истата игра со E-Save режимот и моќноста на регенерацијата на батерите. За нагорнини го користиме електромоторот, на надолнини ги полниме батериите, а на рамно се потпираме примарно на бензинецот – бидејќи во тие ситуации тој и онака троши малку.

Поврзано:   ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude - Градски фраер!

По нешто повеќе од пет часа поминати зад воланот (и имајте предвид дека во овие пет часа патување се вклучени и околу еден час за фотографирање), се враќаме во Скопје. Индикаторот кажува дека сме поминале вкупно 351 километар, од кои 208 километри на бензин и дури 143 километри на електрична енергија. Просечната потрошувачка на бензин? Само 4.9 литри на 100 изминати километри – и со повеќе од половина преостанат резервоар, доволно бензин да поминеме уште повеќе од 200 километри.

Океј, ајде да заокружиме – веќе сме кажале дека возењето плаг-ин хибриден автомобил наметнува одредена промена на животниот стил. Да, треба да имате каде да го полните и да, треба да имаме пристап до јавни полначи. Полначите ги имаме – и тоа повеќе отколку што мислите (и сега за сега се бесплатни) – а на нас возачите останува да ги користиме (и да не паркираме пред нив со нашето возило со обичен бензински или дизел мотор!).

Да, потребна е мала „гимнастика“ за да го извлечеме максимумот од возењето на отворено и да ја намалиме потрошувачката – но резултатите на Jeep Compass 4xe зборуваат за себе – 4.9 литри бензин на 100 километри за голем семеен SUV со 190 коњски сили и погон на сите четири тркала е од-ли-чен резултат!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.