ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude – Градски фраер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude – Градски фраер!

Градските автомобили станаа повеќе од само практичен урбан транспорт – сега треба да привлечат и со дизајнот, технологиите и ефикасноста. А новиот Jeep Avenger е вистински градски фраер!

Новиот Avenger е навистина важен автомобил за американскиот бренд. Зошто? Одговорот на ова прашање можеме да го бараме во неколку различни насоки, но ќе се концентрираме на две особено важни причини. Првата е дека Avenger е првиот целосно-електричен модел на Jeep. Всушност, така и беше претставен, а бензинските мотори пристигнаа неколку месеци подоцна. Втората причина е дека Avenger е првиот суб-компактен кросовер на брендот и дека токму со него, Jeep открива нови сегменти и (на некој начин) сосем нови предизвици.

Директен резултат на тие две причини е вистинското прашање кое треба да го поставиме (и да го одговориме) – а тоа е како се трансфомира робустниот теренски Jeep (и глобално-препознатливиот Wrangler) од оф-роуд суперхерој во компактен, практичен и агилен градски фраер?

Avenger се издвојува во сегментот – дали е ова најубавиот нов градски кросовер?

Како и обично, дискусијата ќе ја започнеме со дизајнот и веднаш ќе кажеме дека со својот изглед, Avenger дефинитивно се издвојува во сегментот. Всушност, ќе бидеме можеби малку дрски и ќе кажеме дека Avenger ни е најверојатно најубавиот модел во својот сегмент.

Дизајнерскиот јазик од големите модели на брендот успешно е пресликан во значително покомпактно издание. Лесно препознаваме деталите карактеристични за Jeep – на пример, тука се вертикалните столбови на предната маска, но и дизајнерски детали од поголемите модели како новиот Wagoneer. Avenger го дефинираат чистите, самоуверени линии и непрекинатите површини – а тоа му дава доза на самоувереност и робусност која совршено се вклопува во бетонската урбана околина.

Широко-поставените предни светла меѓу кои се наоѓа предната маска, во комбинација со широките предни крила и ниско-поставениот браник му даваат на Avenger самоуверен, дури можеби и малку арогантен став. Браникот е длабок, со дополнителни отвори за воздух и сребрен декоративен заштитен панел во долниот дел, а на поклопецот на моторот гордо стои значката Jeep.

Профилот е едноставен, но истовремено и динамичен. Пластичните заштитни панели околу целиот автомобил визуелно ја прават каросеријата пониска, додека црните „прекршувања“ на А и Ц столбовите го прават кровот да изгледа како да лебди. Скриените рачки на задните врати придонесуваат кон чистиот дизајн, но кон и динамичната, би рекле дискретно-купеовска форма на каросеријата.

На задниот дел веднаш ги забележуваме задните светлосни групи кои се поставени на самите рабови на каросеријата со што повторно се истакнува хоризонталниот дизајн на Avenger. Повторно ги забележуваме заштитните пластични панели, но и заштитниот елемент во сива боја како и динамичните детали како на пример задниот спојлер и завршетокот на издувниот систем – вистинско освежување во ера на срамежливо криење на ваквите елементи кај некои други производители.

Плус, тука се и неизбежните Jeep детали околу целиот автомобил. Од „планините“ на задното стакло, па сè до скриениот Wrangler амблем на предниот браник. Има многу, да не ги откриваме сите – пробајте самите да ги пронајдете!

Современ и хај-тек ентериер

При отворање на возачката врата нè пречекува современ и релативно минималистички ентериер. Она кое веднаш го забележуваме е истиот пристап како и на екстериерот – едностабвни и робустни форми, чисти и прави линии и внимателно одбрани текстури. Седиштата се делумно обвиени во кожа, а кожен е и управувачот и долниот дел од рачката од менувачот.

Пред возачот се поставени јасните и прегледни дигитални инструменти, додека на централната конзола гордо стои 10-инчниот мултимедијален уред со навигација и Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Под мултимедијалниот уред се поставени физички копчиња кои се кратенки до некои поважни функционалности, додека на гребенот меѓу возачот и совозачот се поставени 12-волтен приклучок, два USB приклучоци, па потоа мануелниот менувач, селекторот за режим на работа и прекинувачот за електронската рачна кочница.

Мултимедијалниот уред е брз и респонзивен и подготвено реагира на секој допир и секоја команда. Некои од функционалностите се малку „скриени“ – но вистината е дека за само еден ден ќе се навикнете како функционира системот и лесно ќе го најдете сето она кое го барате.

Лесно се наоѓа комфорна и прилично прегледна возачка позиција и сите команди се блиски на дофат. Ќе забележиме дека некои од пластиките се нијанса потврди од она кое би сакале да го видиме, но од друга страна оддаваат чувство на робустност и издржливост – а токму тоа го сакаме кај еден Jeep.

Во кабината има сосем доволно простор на предните седишта, околу кои има и доволно места за одлагање дребулии. На задните седишта е во рамките на класата – на повисоките патници ќе им недостасува малку простор за нозете, но за секојдневни потреби и за деца има сосем доволно простор. Патниците на задната клупа добиваат и засебен USB приклучок.

Дискусијата за кабината ќе ја завршиме со багажниот простор. Преку прилично големата петта врата се пристапува го големиот багажник кој е со капацитет одлични 380 литри, односно дури 1275 литри кога ќе ги преклопите задните седишта.

Како е зад управувачот?

И како се снаоѓа Avenger низ градскиот метеж? Би рекле – одлично! Пропорциите и формата прават да биде супер-лесен за маневрирање и поставување на патот. Серво-управувањето е лесно, педалите се меки и манулниот менувач е прилично лесен за користење. Секако, сензорите и камерите дополнително го олеснуваат маневрирањето и паркирањето – но во суштина, веднаш се препознава дека Avenger е замислен да биде градски, урбан суперхерој.

Суспензијата успешно ги впива и најгрубите нерамнини, а од друга страна успева да го контролира навалувањето во свиоци. Avenger лесно ги совладува градските предизвици и ги истакнува гените на Jeep. Плус, раперскиот звук на трепкачите? *chef’s kiss*

1.2-литарски турбо-бензинец и мануелен менувач

Своја улога има и 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили со кој беше опремен нашиот тестен примерок. Да, Avenger прво беше претставен како целосно-електричен, но Stellantis одлучи да понуди и конвенционални мотори кај најмалиот модел на Jeep. Турбо-бензинецот ни е веќе добро познат – тој веќе се нуди кај многу други (и многу поголеми) модели од пондата на Stellantis, а тоа пак ветува дека во Avenger ќе биде сосем доволно моќен и повеќе од доволно ефикасен.

Малиот турбо-бензинец со три цилиндри испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Делумно благодарение и на релативно ниската маса од само 1100 килограми, бензинецот го задвижува Avenger до 100 километри на час за 10.6 секунди, но и му овозможува да достигне максимална брзина од 184 километри на час – сосем доволно за градскиот спринт од од семафор до семафор, а и доволно за комфорно крстарење на автопат.

Во однос на потрошувачката – Jeep цитира официјална комбинирана потрошувачка од 5.6 литри на 100 изминати километри според WLTP мерењата. Ние измеривме градска потрошувачка од 8 литри бензин на 100 изминати километри.

И што е всушност градски фраер?

И што значи сето ова? Avenger ни е новиот омилен градски фраер. Зошто? Бидејќи едноставно ги исполнува сите критериуми – од една страна изгледа одлично, од друга страна доаѓа со кабината која ги нуди сите ново-технолошки решенија кои ги очекуваме, а сета приказна ја завршува со мал, забавен и ефикасен турбо-бензинец кој ги испорачува потребните перформанси. Во морет.. Всушност, во океанот од сеприсутните разно-разни SUV и кросовер модели, Avenger успева да се истакне и да биде забележан. Па ако тоа не е градски фраер, што е?

Спецификации

Модел: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.6 секунди
Максимална Брзина: 184 километри на час
Должина: 4084 mm
Ширина: 1776 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1528 mm
Тежина: 1107 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2557 mm
Багажен Простор: 380 – 1275 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Longitude – 20.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 – 28.100 Евра
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.