ПРЕМИЕРА: iX е новиот електричен, технолошки знаменосец на BMW! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: iX е новиот електричен, технолошки знаменосец на BMW!

BMW има нов технолошки знаменосец – и доаѓа во форма на целосно-електричен, поврзан и автономен SUV кој се вика едноставно iX.

iX е поставен на целосно-нова платформа развиена специјално за електрични возила. Истовремено, платформата овозможува имплементација и користење на многу напредни технологии особено во насоката на автономно возење и дигитални услуги. Според она кое го кажуваат од BMW, платформата на новиот iX има 20 пати повеќе процесорска моќ во однос на минатите технологии кои ги користеше баварскиот бренд.

Инаку, големиот електричен SUV е сличен по димензии на X5 и X6, но добива големи тркала како X7. Од BMW кажуваат дека минималистичкиот дизајн на iX „изразува футуристичка форма на уживање во возењето.“ На предниот дел доминираат големата, вертикална маска и острите предни светла. Во маската се поставени потребните сензори, камери и радарски технологии за напредните системи, а според Adrian van Hooydonk, одговорниот за дизајн во BMW „новиот iX покажува дека можеме на технологиите да им дадеме нов и емотивен дизајн. Автомобилот е технолошки комплексен, но се чувствува како да е јасен и некомплициран.“

Интересно решенија има и во кабината – iX е првиот сериски модел на BMW кој ќе добие шест-аголен управувач кој го олеснува влегувањето во автомобилот и гои подобрува погледот кон инфо-екраните. Од BMW напоменуваат дека е користено многу стакло и дека прегледноста и светлината во кабината би требало да се одлични.

Инаку, сега за сега ги немаме сите технички детали околу погонот, но имаме повеќе од доволно. Од BMW кажуваат дека има два електромотори кои испорачуваат „повеќе од 500 коњски сили“ и дека забрзувањето до 100 километри на час ќе трае помалку од 5 секунди. Батеријата е со капацитет од 100 kWh и овозможува автономија од 600 километри според WLTP стандардите. Од BMW напоменуваат дека овие бројки не се финални и дека се однесуваат на тековниот стадиум на развој на автомобилот.

 

Системот овозможува полнење на батериите со моќност до 200 kW и ако имате пристап до доволно брз полнач, 70% од батериите ќе бидат полни за 40 минути, а брзо 10-минутно полнење ќе овозможи автономија од 120 километри.

Новиот BMW iX ќе пристигне на пазарот кон крајот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.