Доделени првите награди Златно Тркало! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Доделени првите награди Златно Тркало!

Вчеравечер под строги протоколи беа официјално доделени наградите на победниците на првиот избор за најпосакуван автомобил во Македонија.

Ние предложивме, вие одбравте, а победниците вчера официјално ги добија наградите. Под строги протоколи, вчеравечер официјално ги прогласивме победниците и им ги доделивме статуетките. Заедно со колегите од Автоплус, CarsByVik и RPM.mk го започнавме изборот наречен Златно Тркало, каде ние во соработка со автомобилските импортери ги одбравме и предложивме кандидатите во пет различни категории, а вие – нашите посетители и фанови – го одбравте победникот во секоја категорија.

Всушност, 16 автомобили се натпреваруваа во 5 категории, а ние се обидовме преку тестови, панорами и други содржини да ви ги претставиме сите посебно, за да можете самите да го одберете вашиот фаворит.

Победниците на првото, инаугуративно Златно Тркало се:

Најпосакуван Електрифициран Автомобил – Toyota RAV4

Најновата, петта генерација на најпродаваниот хибриден SUV на планетата се рекреираше самиот себеси во темелно-модернизиран SUV кој сега со дизајнот гордо кажува за технологиите кои ги носи. Од неодамна е достапен и во моќна, плаг-ин хибридна изведба која ќе биде уште поинтересна за купувачите. Моделот кој ги наметна стандардите за хибриден SUV, сега ужива во заслужената слава.

Најпосакуван Семеен Автомобил – Hyundai Elantra

Hyundai Elantra се наметна како логичен и рационален избор за оние кои сакаат достапен, докажан и издржлив автомобил. Вртоглавиот раст на Hyundai на глобалниот пазар се должи во голем дел токму на возилата како Elantra, кои успеваат на купувачите да им понудат доверлив семеен сопатник.

Најпосакуван Бизнис Автомобил – SEAT Tarraco

Најголемиот SUV на SEAT – големиот Tarraco нуди врвна модуларност и практичност, како и моќни и модерни погони. Tarraco не само што е просторен и комфорен, туку истовремено и динамичен, повеќенаменски SUV кој со своите технологии е подготвен да одговори на предизвиците на модерното деловно живеење.

Поврзано:   Volkswagen го освежи и Golf Variant

Најпосакуван Градски Автомобил – Volkswagen T-Cross

Со T-Cross, Volkswagen на пазарот понуди компактен, тренди и модерен градски кросовер кој ги исполнува сите желби на купувачите. Современиот T-Cross е урбан суперхерој кој нуди многу простор во компактно пакување, многу можности за индивидуализација, како и технологии кои обично се резервирани за поголеми и поскапи возила.

Најпосакуван Автомобил – Range Rover Evoque

Втората генерација Range Rover Evoque ги исполнува сите теренски стандарди на Land Rover, а истовремено е на самиот врв во сегментот на компактни, премиум SUV. Британскиот може да се добие со турбо-бензинец, турбодизел или пак супер-модерен и ефикасен плаг-ин хибриден погон, и нуди мал милион можности за персонализација.

Им се заблагодаруваме на учесниците, како и на сите вас кои гласавте. Најавуваме дека следниот циклус веќе започнува, а во меѓувреме погледнете го повторно преносот во живо од вчеравечер.

Доделување на признанијата „Златно Тркало“ за 2020 година

Следете го прогласувањето на победниците на Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија – во живо! 🏆

Gepostet von Златно Тркало am Mittwoch, 21. Oktober 2020



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.