ПАНОРАМА: SEAT Tarraco е голем и практичен SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПАНОРАМА: SEAT Tarraco е голем и практичен SUV!

Најголемиот SUV на SEAT може да се добие со 5 или 7 седишта, со погон на предните или на сите четири тркала и со модерен турбо-бензинец или турбодизел. Да дознаеме малку повеќе.

Како што еднаш веќе пишувавме, Tarraco го добива своето име од градот Tarragona. Во хиерархијата на SEAT е на самиот врв на SUV гамата, над Ateca и Arona. Поставен е на истата MQB платформа како и Ateca, но Tarraco е поголем – долг е 4735 милиметри и висок 1685 милиметри. Благодарение на сиот овој простор, може да се добие со пет или седум седишта – а со тоа станува исклучително практичен во скоро сите ситуации.

Дизајнот е очигледна еволуција на дизајнот на одличната Ateca, но оди чекор понатаму и всушност го најави дизајнерскиот јазик на следната генерација на модели на шпанскиот бренд. Всушност, и сосем новиот SEAT Leon кој неодамна беше претставен, влече инспирација токму од Tarraco.

Кабината е модерна и едноставна, но веднаш се забележува дека значително повеќе внимание е посветено на дизајнот во однос на другите SUV модели на шпанскиот бренд. Централно е поставен големиот, 8-инчен мултимедијален уред, а пред возачот се наоѓа 10.25 инчен дигитален панел со инструменти.

Меѓу другото, Tarraco добива и DCC систем за динамична контрола на суспензијата, системи за следење на коловозната лента, систем за препознавање пешаци и велосипедисти, следење на слепата точка и уште многу многу повеќе. Како што веќе напоменавме, можете да го добиете Tarraco со пет или седум седишта, а можете да добиете и модуларна задна клупа со индивидуално преклопување на секое седиште.

Поврзано:   SEAT најавува дека најдоброто допрва доаѓа!

На нашиот пазар, Tarraco може да се добие во Style или Excellence нивоа на опрема и може да се комбинира со неколку различни погонски единици. Доколку сакате турбо-бензинец, можете да го нарачате 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили кој може да се добие со погон на предните тркала, и со мануелен или DSG автоматски менувач. Алтернативно, тука е и 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили, кој може да се добие со погон на сите четири тркала и автоматски менувач.

Доколку сакате турбодизел, во понудата ќе најдете две изведби на 2-литарскиот TDI – едната со 150 коњски сили, другата со 190 коњски сили. Послабиот мотор со 150 коњски сили може да се добие со погон на предните или на сите четири тркала, но изведбата со погон на сите четири може да се добие само со DSG менувач. Помоќната верзија со 190 коњски сили е достапна само со погон на сите четири тркала и DSG автоматски менувач.

SEAT неодамна го најави и плагин хибридниот Tarraco FR PHEV. Плаг-ин хибридниот Tarraco има вкупно 245 коњски сили, а ги добива благодарение на 1.4-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили во комбинација со електромотор кој испорачува дополнителни 116 коњски сили. Ова го прави Tarraco FR PHEV најмоќниот модел во понудата. Батеријата со капацитет од 13 kWh овозможува автономија на електрична енергија до 50 километри, како и супер-ниска емисија на CO2 од само 50 грама на изминат километар.

Благодарение на сите овие можности, SEAT Tarraco е интересен SUV кој лесно ги наоѓа своите фанови и купувачи и на нашиот пазар!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.