full screen background image
Search

SEAT го претстави новиот голем SUV – добредојде Tarraco!

Шпанскиот производител го претстави својот трет и најголем SUV – посакајте му добредојде на SEAT Tarraco.

Tarraco го добива своето име од градот Tarragona, и во хиерархијата на SEAT е на самиот врв на SUV гамата, над Ateca и Arona. Поставен е на истата MQB платформа како и Ateca, но Tarraco е поголем – долг е 4735 милиметри и висок 1685 милиметри.

Дизајнот е интересна еволуција на дизајнерскиот јазик на SEAT – аглестите предни светла се поставени околу хексагонална маска на ладилникот која најавува во која насока ќе се движи дизајнот на SEAT во следните неколку години. Профилот е чист – без непотребни линии и форми, додека задниот дел јасно кажува дека се работи за SEAT, но со малку поинакви линии и детали.

Кабината е модерна и едноставна, но веднаш се забележува дека повеќе внимание е посветено на дизајнот во однос на другите модели на шпанскиот бренд. Централно е поставен големиот, 8-инчен мултимедијален уред, а пред возачот се наоѓа 10.25 инчен дигитален панел со инструменти. Меѓу другото, Tarraco добива и DCC систем за динамична контрола на суспензијата, системи за следење на коловозната лента, систем за препознавање пешаци и велосипедисти, следење на слепата точка и уште многу многу повеќе.

Гамата на мотори ја сочинуваат два бензински и два дизел мотори, сите со турбополнење. „Основен“ мотор е 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили и се комбинира со шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала. Над него е 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили кој може да се добие со седум-брзински DSG менувач и 4Drive погон на сите четири тркала.

Поврзано:   Дали правилно го користите клима-уредот во вашиот автомобил?

За оние кои сакаат турбодизел, тука е добро-познатиот 2.0 TDI со 150 или 190 коњски сили. Послабата верзија може да се добие со мануелен менувач и погон на предните тркала, или пак автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Помоќниот турбодизел е достапен само со автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Интересно е што од SEAT кажуваат дека понатаму ќе бидат воведени и други, алтернативни погонски технологии. Продажбата на новиот Tarraco ќе започне на почетокот на следната година, а новиот SUV на SEAT ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Wolfsburg, Германија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.