Францускиот производител познат по врвно-комфорните автомобили ја претстави освежената верзија на популарниот C3!
C3 е особено важен за Citroën бидејќи е вистински рекордер во продажбата. Токму затоа, францускиот производител подготви дискретно, но значително освежување за еден од своите најпопуларни модели.
Освежувањата кај C3 започнуваат со ревидираниот преден дел кој добива нов декоративен елемент, како и нови предни LED светла и хромирани детали кои одат сè до LED дневните светла. Дополнително, редизајнирани се декоративните елементи околу светлата за магла, дизајните на страничните столбови, како и Airbumps заштитните панели на вратите. Во зависност од нивото на опрема ќе добиете и декоративни елементи околу крилата, како и тркала кои можат да бидат во димензии до 17 инчи.
Благодарение на сите нови детали и ситници, можностите за персонализација добиваат зајакнување – сега се возможни дури 97 различни комбинации на бои и детали кај Citroën C3 (досега беа можни 36, што воопшто не беше за потценување). Добиваме нови бои, нови двобојни комбинации, нови детали во боја како и нови пакети со декоративни графички елементи.
Кабината добива нов Techwood амбиент кој се комбинира со меки материјали и специјални опшивки, како и освежување за супер-комфорните Advanced Comfort седишта кои сега се достапни кај C3. Колку за потсетување, овие седишта нудат подобрен комфор благодарение на специјалната пена во нив, како и специјалните материјали со кои се обвиени.
Дополнително, C3 добива и освежен инфозабавен систем со дисплеј од 7 инчи. Системот доаѓа со MirrorScreen функционалност, како и можност за Apple CarPlay и Android Auto поврзување, но и гласовни контроли. Со освежувањето, C3 може да добие вкупно 12 различни системи за асистенција во возењето – нови предни и задни паркинг сензори, систем за стартување без клуч, систем за автоматско сопирање, систем за следење на вниманието на возачот, систем за следење на слепата точка, и уште многу повеќе…
Освежениот C3 ќе може да се добие со 1.2-литарски PureTech бензинец кој испорачува 83 или 110 коњски сили, како и со 1.5-литарскиот BlueHDI со 100 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие со 5-брзински мануленен менувач, додека помоќниот може да се добие и со 6-брзински автоматски менувач. Дизелот е достапен само со мануелен менувач.