Системот за намалување на бучавата на Jaguar Land Rover го намалува заморот кај возачот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Системот за намалување на бучавата на Jaguar Land Rover го намалува заморот кај возачот

Британската групација подетално ја претстави технологијата за намалување на бучавата со која располагаат обновените Jaguar F-Pace, Jaguar XF и Range Rover Velar.

Системот користи технологија на активна акустика составена од сензори на секое тркало. Овие сензори постојано ги надгледуваат вибрациите од површината на патот и ја пресметуваат спротивната фаза на звучниот бран, потребна за да се отстрани бучавата која ја слушаат патниците. Овој систем исто така овозможува да се намали звукот при удар во дупки и вревата од возење над лоши површини.

Звукот за прикривање се емитува преку звучниот систем Meridian. Технологијата исто така има можност да проверува кои седишта од возилото се користат за да го оптимизира намалувањето на вревата за сите патници.

Според Jaguar Land Rover, оваа технологија може да ги намали несаканите врвови на бучавата до 10 децибели, а целокупното ниво на бучава до 3-4 децибели, со што придонесува да се намали заморот кај возачот.

Овој систем соработува заедно со системот за намалување на бучавата на моторот кај Plug-in хибридната конфигурација во P400e изведбата на новите Jaguar F-Pace и Range Rover Velar.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.