full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Fiat ја освежи Panda со затегнат дизајн и нови технологии!

Panda го прославува својот 40-ти роденден, а Fiat ќе го одбележи јубилејот со освежената New Panda!

Освежената Panda ќе ја препознаете по новиот преден браник, новите странични прагови, како и новите тркала. Во понудата е додадена и Panda Sport која добива 16-инчни двобојни тркала, како и детали во боја на каросеријата. Panda Sport може да се комбинира со црн кров и во тој случај детали од екстериерот се во сјајна-црна боја, а Panda Sport добива и специјални значки, како и ексклузивна мат-сива боја.

Кабината на освежената Panda добива некои нови материјали, а може да добие и специјална централна конзола во титаниумска боја, како и странични панели од еко-кожа. Panda Sport добива и двобојни седишта со специјални детали, а Pandemonio пакетот додава затемнети стакла, црвени шепи на сопирачките и уште неколку други детали. Сепак, можеби најважниот детал во кабината на освежената Panda е новиот 7-инчен мултимедијален уред кој доаѓа со Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Под поклопецот нема преголеми промени, но сега во сите изведби е достапен одличниот нов благ хибрид, кој комбинира 1-литарски атмосферски бензинец со стартер генератор за вкупно 70 коњски сили.

Освежената Panda наскоро ќе биде достапна за нарачка.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.