Големиот HUMMER се враќа – како електричен теренец со 1000 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Големиот HUMMER се враќа – како електричен теренец со 1000 коњски сили!

Според официјалните податоци кои пристигнаа од GMC, новиот Hummer ќе има три електрични мотори кои испорачуваат комбинирани 1000 коњски сили и – верувале или не – 15.590 Nm вртежен момент!

Hummer се враќа! Сепак, приказната не е толку едноставна – се враќа, но како голем електричен пик-ап кој има на располагање 1000 коњски сили, 15.590 Nm вртежен момент и може да постигне 100 километри на час за малку над 3 секунди. Дополнително, батериите ќе овозможат автономија од околу 560 километри, а ако имате пристап до брз полнач со моќност од 350 kW, ќе можете да „наполните“ 160 километри за само 10 минути.

Сепак, овој вртежен момент најверојатно не е баш најреален – тоа е бројка на точката каде тркалата се допираат со подлогата, а таа бројка е секогаш неколкукратно поголема од реалната – според Car & Driver, треба да очекуваме околу 1100 Nm од електромоторите.

Дизајнот веднаш наликува на Hummer – но во посовремено издание. Сепак, би рекле дека изгледа малку анонимно во оваа боја и дека многу подобро би му стоела некоја „дреч“ жолта или зелена. Околу целиот Hummer доминираат големите заштитни панели, а новиот електричен теренец може да се нарача и со огромни, 37-инчни гуми за екстремни терени. Hummer има и Crab Walk функционалност која овоможува предните и задните тркала да се завртат во истата насока и автомобилот да се движи дијагонално.

Hummer може да помине преку вертикални препреки кои се високи 45 сантиметри, и да помине низ вода длабока 60 сантиметри. Адаптивната суспензија дозволува регулација на вистината за цели 150 милиметри, со цел полесно минување на екстремни терени.

GMC планира понатаму да лансира уште две верзии, кои нема да бидат толку моќни, ниту пак да имаат толкава автономија, но е најавено дека ќе бидат значително поевтини. Првата, Launch Edition верзија ќе чини околу 112.000 долари во САД.

Машала!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.