За оние кои сметаат дека на BMW M8 Competition му требаат уште подобри перформанси, решението доаѓа од AC Schnitzer!
Колку за потсетување, BMW M8 Competition доаѓа со 4.4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 625 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Секако, следејќи ја „старата македонска“ дека „од многу не боли глава“, инженерите на AC Schnitzer одлучиле дека многу подобро би одговарале 720 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. Тјунинг пакетот вклучува софтверски корекции, но и механички измени, како и спортски издувен систем за да се постигнат овие резултати.
Дополнително, ќе добиете и надградена (и 20 милиметри пониска) суспензија, преден сплитер, карбонски странични прагови, заден спојлер и уште неколку додатоци. Ќе добиете и 21-инчни тркала обвиени во супер-спортски пневматици, и уште неколку ситни додатоци. Кабината добива нови лопатки за менување на брзините на управувачот, алуминиумски детали – и тоа е тоа. Дискретно, но сепак импресивно.
За оние кои го купиле обичниот М8 со „само“ 600 коњски сили и 750 Nm вртежен момент, AC Schnitzer нуди сличен пакет кој ја зголемува моќноста на 700 коњски сили и 850 Nm. Да не е без ич.