Volkswagen го подготви Golf GTE HyRACER за Wörthersee – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen го подготви Golf GTE HyRACER за Wörthersee

За жал, поради пандемијата овогодинешниот Wörthersee GTI Treffen беше откажан, но практикантите во Volkswagen го покажаа проектот на кој работеа.

Наместо да дебитира на Wörthersee, овој уникатен концепт беше покажан во Autostadt во Wolfsburg, Германија. Концептот – кој е базиран на Golf GTE плаг-ин хибридот – го изработија практиканти, а за целата изработка биле потребни неколку месеци. Од името е јасно – ова е концепт за хибриден спортски автомобил со спортски, тркачки гени.

Интересно е да се напомене дека ова е прв проект на Volkswagen Group Retail Germany, а 13-те практиканти кои работеа на проектот беа избрани од продажни салони на Volkswagen ширум Германија. Времето за работење заедно било ограничено, па мораме да признаеме дека финалниот продукт е навистина импресивен.

Volkswagen Golf GTE HyRACER добива уникатен бодикит кој е цели 80 милиметри поширок од стандардниот Golf GTE. Предниот браник е подлабок и има посебен сплитер, задниот браник е поагресивен со засебен дифузер, а хибридниот коцнепт добива и заден спојлер со интегрирано задно светло кој верувале или не, потекнува од Arteon. Golf GTE HyRACER добива и прилагодлива спортска суспензија, а целиот автомобил е поблиску до подлогата за 40 милиметри.

Секако, не е заборавено ниту на перформансите – Golf GTE HyRACER има вкупно 250 коњски сили (стандардниот автомобил има 204), а автомобилот добива и специјални 19-инчни тркала обвиени во спортски пневматици, како и големи, спортски сопирачки кои доаѓаат од Golf R. Кабината е обвиена во алкантара, а добива и спортски седишта со специјални ознаки. Практикантите одлучиле да направат уште нешто интересно – па во кабината се поставени и два електрични тротинети кои се полнат директно од хибридниот погон.

Поврзано:   Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7!

Volkswagen групациајта секогаш подготвува интересни концепти за Wörthersee – Skoda веќе ја покажа Slavia, која всушност е роудстер базиран на Scala. Се надеваме дека наскоро ќе ги видиме и другите проекти кои за жал не ја имаа својата премиера.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.