ТЕСТ: Jaguar F-Pace 20d Prestige AWD – Заслужено најпродаван! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar F-Pace 20d Prestige AWD – Заслужено најпродаван!

Кога пред нешто повеќе од две години за прв пат седнавме зад управувачот на F-Pace бевме импресионирани од динамичниот карактер на првиот SUV на Jaguar – па кога ни се отвори можност да си ги потврдиме впечатоците, со задоволство ја прифативме шансата.

Интересот кој купувачите го имаат за F-Pace не го намалува интензитетот – и понатаму, токму F-Pace е еден од најпродаваните модели на Jaguar и токму со својот прв SUV, Jaguar како да ја трасираше рутата по која ќе се движи во иднина. Малиот милион различни изведби, модерните и моќни мотори, како и привлечниот, достоинствен дизајн се само некои од аргументите кои F-Pace ги има на својата страна.

Зошто би избрале црн SUV, кога може да биде Firenze Red?

Дизајнот ни е веќе добро познат – всушност, кога прв пат седнавме зад управувачот на F-Pace кажавме дека оддава чувство на атлетска динамичност и дека со F-Pace дизајнерите на Jaguar докажуваат дека дискретните линии сепак се попривлечни.

Две години подоцна – сè уште го имаме истиот став – Jaguar F-Pace и понатаму изгледа одлично и дури би кажале дека уште попривлечно изгледа во оваа црвена боја на нашиот тестен автомобил. Малку сме разочарани што купувачите во Македонија како да се обврзани да купуваат црни, бели и сиви автомобили, кога постојат вакви убави, длабоки и привлечни бои.

Комфорна, практична и тивка кабина.

Одиме внатре! Кабината добро ја познаваме – дизајнот на ентериерот е можеби малку конзервативен но навистина немаме никакви забелешки. Седиштата се супер-комфорни дури и при подолги патувања, сите команди и контроли се лесни за учење и користење, а ентериерот успева да ја погоди онаа идеална рамнотежа меѓу комфор и динамичност.

Поврзано:  Jaguar го произведе последниот F-Type

Секако, некои работи се надградени – па во меѓувреме, F-Pace доби надграден мултимедијален уред кој е во рамките на најмодерните уреди кои Jaguar Land Rover ги нуди во своите модели. Но и покрај тоа, остануваат физичките контроли за клима уредот и другите главни, секојдневни работи – нешто кое во време на огромни дигитални екрани навистина ни се допаѓа. Пред возачот е поставен голем дигитален дисплеј со висока резолуција на кој можете да ги видите главните параметри околу возењето, да прилагодите многу од функциите во автомобилот или пак да ја погледнете навигацијата.

Комбинацијата од црвен екстериер и делумно светол ентериер ни се допадна – едноставно, контрастот изгледа убаво. Околу предните седишта ќе најдете повеќе од доволно места за одлагање ситници и дребулии, а како на предните, така и на задните седишта има навистина многу простор. Немаме забелешки ниту на багажниот простор – F-Pace нуди еден од најголемите багажници во сегментот – 650 литри (односно над 1700 литри со спуштени задни седишта) гарантираат дека кога ќе отпатувате некаде за викенд или можеби на годишен одмор, ќе можете да земете со вас сè што ќе посакате.

2-литарскиот турбодизел изненадувачки лесно го повлекува големиот SUV.

Првиот F-Pace кој го возевме беше опремен со 2-литарски турбодизел кој испорачуваше 240 коњски сили. Сега повторно возиме 2-литарски турбодизел, но овој пат тој испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 430 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 8.6 секунди, како и максимална брзина од 208 километри на час – перформанси кои се навистина повеќе од соодветни, а она кое особено импресионира е леснотијата со која моторот ги „крева вртежите“ и го придвижува F-Pace.

Сепак, мора да биде истакнато дека Jaguar навистина ги покажа своите инженерски способности кај F-Pace. Бидејќи во голем дел е изработен од алуминиум, F-Pace е изненадувачки лесен – големиот SUV опремен со турбодизел, погон на сите четири тркала, автоматски менувач и сета опрема која ја носи тежи само 1845 килограми.

Соодветно на тоа, F-Pace е и меѓу најдинамичните модели во сегментот – F-Pace ја менува насоката на движење без никакво приговарање и докажува дека и голем SUV може да биде забавен за возење. Во свиоци нема скоро никакво навалување, системот за погон на сите четири тркала ја дистрибуира силата токму онаму каде е потребна, а во кабината преовладува чувство на стабилност и самоувереност.

Поврзано:  Секој модел на Jaguar освен F-Pace ќе биде пензиониран до крајот на годинава

Селекторот за режим на возење нуди неколку различни опции, а кога ќе го ставите F-Pace во Dynamic режим и ќе одберете S режим на менувачот – тој навистина се менува. Управувањето станува подиректно, моторот уште поподготвено реагира на секое притискање на педалата за гас а менувачот подолго ги „држи“ брзините со цел да обезбеди подинамично возење – и F-Pace покажува дека гладно може да совладува свиоци. А кога ќе сакате да патувате комфорно, вратете во нормален режим на работа и уживајте во тивката и опуштена атмосфера.

Немаме никакви забелешки ниту на потрошувачката – за време на неколкудневното дружење, индикаторот покажуваше просечна потрошувачка од нешто под 9 литри на 100 изминати километри.

Заклучок: Убаво е кога имаме можност да си ги потврдиме впечатоците…

Навистина, убаво е кога имаме можност да си ги потврдиме впечатоците од кој било модел, особено кога од година во година можеме да видиме континуирани надградби кои на дискретен, но сепак важен начин го подобруваат автомобилот. F-Pace и понатаму е привлечен, модерен, практичен и динамичен SUV кој наоѓа многу фанови меѓу купувачите – и јасно е зошто е најпродаван модел кој Jaguar го нуди. F-Pace ги нуди сите модерни технологии кои JLR ги има во своето портфолио, а истовремено е врвно безбеден благодарение на сите системи за активна и пасивна безбедност.

Да, сегментот во кој F-Pace се натпреварува е супер-компетитивен, а конкуренцијата е докажана и квалитетна – но токму тоа го носи овој сегмент нанапред и прави автомобилите кои се натпреваруваат во него да се навистина добри. Токму затоа ќе кажеме – ако барате премиум SUV, погледнете го F-Pace – ветуваме дека нема да се разочарате.

Поврзано:  Jaguar се збогува со F-Pace со две специјални изведби на луксузниот SUV

Димензии

Спецификации

Модел: Jaguar F-Pace 20d Prestige AWD
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 430 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.6 секунди
Максимална Брзина: 208 километри на час
Должина: 4731 mm
Ширина: 2175 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1652 mm
Тежина: 1845 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2874 mm
Багажен Простор: 650 – 1731 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jaguar F-Pace 20d 163 Pure – 51.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Jaguar F-Pace 20d 180 Prestige AWD – 69.846 Евра
Акциска цена на тестираниот модел: Jaguar F-Pace 20d 180 Prestige AWD – 55.900 Евра
Повеќе Информации: mk.Jaguar.com

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.