ТЕСТ: Jaguar F-Pace 25d Prestige – Најпопуларната комбинација на атлетскиот британски SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar F-Pace 25d Prestige – Најпопуларната комбинација на атлетскиот британски SUV

F-Pace е вистински хит за Jaguar – големиот SUV на британскиот премиум бренд „лета“ од салоните и наоѓа сè повеќе и повеќе купувачи – а ние поминавме неколку дена со една од најпопуларните и најинтересни верзии на луксузниот теренец.


Веќе добро знаеме дека популарноста на SUV-сегментите е во постојан раст – а со F-Pace, Jaguar има вистински хит во своите раце. Големиот, модерен и привлечен SUV не само што е достапен со широка лепеза на мотори, туку може и да се прилагоди точно според барањата на секој купувач – а тоа е победничкиот рецепт во овој сегмент.

F-Pace е всушност првиот SUV на Jaguar – и уште од самото појавување започна да „реди“ награди и признанија. Една од најважните награди е токму признанието за Светски Автомобил на Годината за 2017 – признание кое е од особено значење, баш поради фактот дека ова е прв „излет“ на Jaguar во SUV-сегментот.

F-Pace е еден од најпривлечните SUV модели на пазарот

Ако се прашуваме ние, F-Pace е еден од најпривлечните SUV модели кои во моментов се продаваат. На дизајнерите од Jaguar им успеа да го пренесат дизајнерскиот јазик од нивните седани кај еден SUV – па на предната страна доминираат широките, тенки светла и големиот отвор за воздух. На маската на ладилникот гордо стои знакот на Jaguar, а уште при првиот контакт F-Pace оддава чувство на атлетска динамичност.

Страничните линии се малку покласични, но растечкиот раб на вратите и дискретно паѓачката кровна линија успешно ја прикриваат визуелната големина на F-Pace и му даваат скоро купеовскa форма. Задниот дел го карактеризираат широките и тенки светлосни групи – и во време кога другите производители кај своите возила користат сè поголеми и поголеми светлосни групи, среќни сме што дизајнерите на Jaguar докажуваат дека дискретните линии се попривлечни.

Ентериер кој добро го познаваме

Ја отвораме вратата и нè пречекува ентериер кој ние добро познат од другите модели на Jaguar, но и од другите модели во рамки на JLR групацијата. Пред нас е модерен управувач со алумиумски детали, а веднаш зад него е панелот со читливи и прегледни инструменти. На централната конзола е мултимедијалниот уред со навигација, а веднаш под него е кружниот автоматски менувач кој е своевиден заштитен знак за моделите на JRL.

Ништо тука не ни е непознато – но повторно, и покрај некои пластики кои не се најмеките на светот, премиум чувството е неизбежно. Ние можеби би ја избегнале избраната комбинација на бои во ентериерот, особено светлите седишта – највеќе од практични причини – но посебни забелешки немаме. Задната клупа е повеќе од доволно просторна – но тоа не нè изненадува – сепак тука зборуваме за прилично голем SUV.

Низ кабината има неколку  различни места за одлагање ситници и ергономијата е одлична. Ни се допаднаа и деталите од мат-лакирано дрво кои уште повеќе го истакнуваат британскиот начин на нештата, а немаме забелешки ниту на багажниот простор – со 650 литри, F-Pace нуди еден од најголемите багажници во класата.

2-литарски турбодизел кој нуди 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент

Време е да возиме. Нашиот тестен автомобил го носи новиот 2-литарски турбодизел кој испорачува 240 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 500 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Во комбинација со 8-брзинскиот автоматски менувач и стандардниот погон на сите четири тркала вака конфигурираниот F-Pace успева да забрза до 100 километри на час за 7.2 секунди и да постигне максимална брзина од 217 километри на час.

При притискање на копчето за стартување на моторот, компактниот турбодизел се буди, се смирува и почнува да работи рафинирано и без некаква посебна бучност. Во ред, го нема она супер-мазно работење на V6 моделите, но навистина – тешко е да се најде некаква забелешка. Официјалните податоци зборуваат за градска потрошувачка од 7.2 литри на 100 километри – но во реални услови на возење ние измеривме малку над 10 литри на 100 изминати километри во град – бројка која воопшто не е страшна, ако се земат во предвид големината на F-Pace и перформансите на моторот.

Изненадувачки динамичен зад управувачот

Но сепак, она што највеќе изненадува кај F-Pace е динамичноста која ја нуди и уживањето кое може да го пружи зад управувачот. Комбинацијата од лесна, алуминиумска платформа и погон кој е примарно на задните тркала, како и вуду-магијата која ја направиле инженерите од Jaguar резултира со навистина динамичен и забавен SUV. Секако, ова не е F-Type, но сепак може да понуди забава во свиоци – навалување скоро и да нема, големиот SUV се однесува неутрално без посебна наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување, а прецизното и директно управување влева доверба во можностите на F-Pace.

Суспензијата успева да ја погоди идеалната комбинација на комфор и спортска цврстина. Во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации, па возењето по нашите улици ниту во еден момент не е непријатно – напротив, F-Pace успева сосем добро да ги „испегла“ несовршеностите.

Идеална комбинација?

Зошто мислиме дека ова е најпопуларната комбинација на Jaguar F-Pace? Затоа што Prestige нивото на опрема ги нуди сите „играчки“ кои се навистина потребни, а моторот е доволно моќен да го „повлече“ големиот SUV во сите ситуации, без притоа да биде екстремно „жеден“. Меѓу другото, ќе добиете погон на сите четири тркала, автоматски менувач, биксенонски светла, сензори и камери за паркирање, мултимедијален уред со Bluetooth и навигација и уште многу, многу други играчки. Секако, F-Pace е и безбеден SUV – а за тоа сведочат одличните пет ѕвездички на EuroNCAP.

Навистина нема потреба „многу-многу“ да зборуваме за успехот на F-Pace – британскиот SUV ги докажа своите квалитети, а ние сега само се уверивме во нив. Привлечниот дизајн, моќниот мотор, динамичноста и британскиот аристократски пристап кон нештата се моќни аргументи – и F-Pace навистина го заслужува сето внимание кое го добива!

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 240 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 500 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 217 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.2 секунди
  • Должина: 4731 mm
  • Ширина: 2175 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1651 mm
  • Тежина: 1810 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2874 mm
  • Багажен простор: 650 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 10.1 литар (измерена, градска)
  • Цена на стандардниот модел: Jaguar F-Pace 25d Prestige – 70.000 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Jaguar F-Pace 25d Prestige – 79.500 Евра
    Повеќе информации: https://macedonia.jaguar.com/

Димензии

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.