Новата Ford Puma пристигна и во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата Ford Puma пристигна и во Македонија!

Новиот компактен кросовер на Ford – динамичата и несекојдневна Puma – пристигна во Скопје.

Ние имавме можност „набрзина“ да ја видиме Puma уште минатата година, пред нејзината официјална премиера. Набргу потоа, Ford ги објави сите детали, а од денес Puma е достапна и во Македонија. Од Ми-Да Гранд Моторс пристигна известување дека Puma пристигна, а ние бевме да ја погледнеме и да направиме неколку фотографии од новиот компактен кросовер на Ford.

Меѓу другото, Puma може да добие активен темпомат, автоматско сопирање во итни случаи, систем за препознавање пешаци, систем за следење на коловозната лента… Интересен новитет е CoPilot360 системот на Ford кој нуди лимитирани автономни функционалности – како на пример автономно возење во „тргни-застани“ сообраќај. Тука е и задната камера со агол од 180 степени, а мултимедијалниот уред доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto функционалности.

Мултимедијалниот уред е со дијагонала од 8 инчи, додека инструментите пред возачот користат дисплеј со дијагонала од 12.3 инчи. Ако сакате, дури можете да добиете и седишта со вградена масажа, како и премиум аудио-уред со 10 звучници.

Puma се нуди со 1-литарски EcoBoost мотор со три цилиндри кој (опционално) може да комбинира 48-волтен лајт-хибриден систем (повеќе за тоа тука) за да испорача 125 или 155 коњски сили. Без разлика на моторот кој ќе го одберете, Puma ќе ја пренесува силата само кон предните тркала. Секако, може да се добие со мануелен или автоматски менувач. Цените на нашиот пазар започнуваат од 22.500 Евра за Puma Titanium со 125-коњски EcoBoost турбо-бензинец и мануелен менувач.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.