ТЕХНОЛОГИЈА: Еволуцијата на Peugeot i-Cockpit – Му завидуваат, но не можат да го копираат! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕХНОЛОГИЈА: Еволуцијата на Peugeot i-Cockpit – Му завидуваат, но не можат да го копираат!

Peugeot за прв пат го претстави својот i-Cockpit со концепт во 2010 – сега, 10 години подоцна правиме ретроспектива на иновативниот пристап на французите кон тоа како една кабина треба и може да изгледа и функционира!

Луѓето од Peugeot се навистина горди на i-Cockpit – нивниот несекојдневен пристап кон нештата бараше многу трпение и многу работа. Но 10 години подоцна, многумина му завидуваат на i-Cockpit, а никој не се охрабрува да го имитира.

Ајде да го вратиме часовникот. Март, 2010-та година, Саемот на Автобили во Женева. Peugeot го претставува (во нашите очи) спектакуларниот SR1 коцепт за спортско луксузно купе – а дел од него беше првиот i-Cockpit. Визијата на Peugeot уште тогаш беше јасна – да се понуди сосем поинакво, динамично и персонализирано искуство зад управувачот, а купето беше најава за новата дизајнерска насока на Peugeot, со Gilles Vidal поставен на врвната функција.

 

Неколку години подоцна, првата интерпретација на i-Cockpit ја видовме во Peugeot 208 во 2012. Целта беше да се наметне нов препознатлив бренд-идентитет, кој истовремено ќе придонесе кон безбедноста – целта на i-Cockpit е да се подобри безбедноста, бидејќи нема потреба возачот да го тргне погледот од патот за да ги погледне инструментите.

Внимателно и плански, Peugeot ги постави главните компоненти на i-Cockpit:

  • Компактен управувач кој ќе ги истакне управливоста и уживањето во возењето.
  • Head-up пристап кон прикажување на информациите со можност за конфигурирање и персонализирање на дисплејот.
  • Голем мултимедијален уред кој е во линијата на видикот на возачот и е пристапен за допирање.
  • Пијано-прекинувачи кои овозможуваат директен и лесен пристап до главните функции на автомобилот.
Поврзано:  Gilles Vidal си заминува од Renault, се враќа во Stellantis да го води дизајнот на европските брендови

Како што минуваа годините, забележувавме како одредени компоненти од разни концепти на Peugeot се пренесуваа во сериските автомобили. На пример, EXALT концептот е директна инспирација за конзолата во новиот Peugeot 508, додека архитектурата на i-Cockpit во новиот Peugeot 208 е инспирирана од Peugeot Fractal.

Всушност, i-Cockpit на три различни нивоа ги зацврстува идеите за врвна ергономија и комфор во возењето.

  1. Првото ниво е на нивото на очите – информациите се диреткно во линијата на видикот на возачот, поставени во видното поле – па возачот воопшто не треба да го оттргне погледот од патот.
  2. Второто ниво е на нивото на рацете – материјалите се пријатни на допир, финалната обработка е на повисоко ниво, а физичите контроли се на место каде очекувате да бидат и се лесни за користење. Контролирањето е дополнително олеснето од EAT8 автоматскиот менувач.
  3. Третото ниво е нивото на целото тело – просторот за патниците формира кокпит кој „се замотува“ околу нив и сите седишта нудат одлични комфор и поддршка.

Е сега, зошто сето ова функционира?

Кога се развиваат вакви системи „од нула“, многу различни правила во однос на ергономијата, прегледноста и архитектурата на возилата мора да бидат земени предвид. Затоа се користат податоци за профилот на купувачите (односно екстензивни антропометрички податоци) – на пример, се гледа односот меѓу градите и нозете и како тоа влијае. Па, ако просечниот маж е висок 1.76 метри, тогаш неговата половина може да биде на висина од 87 до 98 сантиметри – а тоа директно влијае на поставеноста на возачот во самиот автомобил и прегледноста која ја има.

Ваквите податоци се искористени за да се пресметаат можностите за прилагодување на седиштата, на пример. Истиот пристап се користи и за распонот на прилагодување на управувачот. А сето тоа влијае кон она чувство на безбедност од една страна, и леснотија на користење на сите функционалности од другата страна.

Денес, скоро сите модели кои Peugeot ги нуди добиваат i-Cockpit. Од практичниот и повеќенаменски Rifter, до новите (и супер-тренди) 208 и 2008, па сè до големите 3008 и 5008 и знаменосецот 508. Токму кај новите 208 и 2008 ја видовме најновата верзија на i-Cockpit – онаа со 3D приказ на информациите, која оди чекор понатаму во начинот на кој ни ги прикажува деталите. Но и тука максимално внимание е посветено на безбедноста – благодарение на „слоевитиот“ приказ на најважните информации, истражувањата на Peugeot покажуваат дека времето за реакција е подобрено за половина секунда. Тоа можеби звучи малку – но верувајте, половина секунда може да направи огромна разлика!

Поврзано:  Peugeot подготви „Лавовска“ есенска понуда за 208, 2008, 408 и 3008!

Низ годините, Peugeot го усовршуваше i-Cockpit – и секој пат кога ќе речеме „тоа е тоа, подобро од ова не може да биде“, французите наоѓаат начин повторно да нè изненадат и да нè импресионираат. Секако, i-Cockpit има и свои критичари, но верувајте – кога ќе го пробате, и вие ќе бидете импресионирани.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.