ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 PureTech 100 Allure – На некои им e лесно да бидат кул. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 PureTech 100 Allure – На некои им e лесно да бидат кул.

Новиот 208 е најшармантниот компактен супермини на Peugeot од времето на легендарниот 206 – но зошто е тоа така? Прочитајте го нашиот тест!

Кога минатата година во Португалија за прв пат седнавме зад управувачот на новиот 208, кажавме дека е хај-тек супермини. Сега, неколку месеци подоцна, имаме можност подобро да се запознаеме со францускиот хечбек – но на наш, домашен терен. Па како се снаоѓа 208 на македонските патишта?

Во Португалија имавме можност да повозиме неколку различни верзии на 208. Седнавме зад управувачот на 208 GT-Line, опремен со 1.2-литарски турбо-бензинец со 120 коњски сили и автоматски менувач, потоа го пробавме истиот 1.2-литарски турбо-бензинец но со 100 коњски сили и мануелен менувач во основно ниво на опрема, па 1.5-литарскиот BlueHDI во уште еден GT-Line, а го возевме и електричниот e-208.

Па по сè тоа – што всушност возиме на домашен терен? Можеби најинтересната изведба на 208 – а тоа е 208 во високото Allure ниво на опрема опремен со 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец со 100 коњски сили и мануелен менувач. Мислиме дека токму оваа верзија ќе биде интересна за македонските купувачи бидејќи навистина нуди сè што би можело да ви треба.

Новиот 208 изгледа поинтересно, похрабро и поубаво.

Ајде прво да зборуваме за дизајнот. Еден од најдобрите таленти на новиот 208 е да шармира. Не дека минатата генерација не беше убава – беше – но новиот модел едноставно изгледа поинтересно, похрабро и – во нашите очи – поубаво. На предниот дел доминираат „лавовските заби“, а детал кој особено ни „прави мерак“ е ознаката 208 поставена над маската на ладилникот.

Ни се допаѓа формата на 208, но и малиот милион ситни детали – а особено добро ни изгледа задниот дел со „едноделното“ задно светло. Сликата би била комплетна со еден-два броја поголеми тркала и GT-Line пакетот кој вклучува декоративни елементи во црна боја, но и без нив 208 изгледа одлично – особено во оваа храбра жолта боја.

Модерна кабина, многу нови технологии, иновативен 3D i-Cockpit

Одиме внатре – Allure нивото на опрема значи дека 208 добива комфорни спортски седишта со одлична странична поддршка кои се делумно обложени со кожа, дигитални 3D i-Cockpit инструменти и мал милион ситни детали кои го прават да биде уште поинтересен. Токму со новиот 208, Peugeot одлучи да ја лансира најновата, 3D генерација на i-Cockpit, и мораме да кажеме – ни се допаѓа. Да, малиот управувач нема да му одговара на секого, но чувството зад него е како да сте во картинг, а управувањето е супер-директно.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

I-Cockpit системот значи дека директно пред возачот е поставен еден дигитален дисплеј, додека на централната конзола има уште еден, преку кој се контролираат повеќето функционалности во автомобилот (и кој има Apple CarPlay и Android Auto). За среќа, нема многу пијано-црна пластика, туку доминираат мат-елементите кои не се толку чуствителни на отпечатоци на прсти.

Под мултимедијалниот уред се поставени физички копчиња кои се своевидни „кратенки“ до одредени функционалности. Би посакале физички контроли за некои од секојдневните контроли – како што е клима уредот – но трендовите се такви какви што се. Да, пристапот на Peugeot е неконвенционален, но кога ќе се навикнете на него станува сосем логичен. Плус, има мал милион ситни детали кои навистина ја подигнуваат атмосферата – како на пример декоративните елементи на вратите и текстурите кои симулираат карбон.

Повеќето материјали кои се користени се навистина фини на допир, но некои од пластиките се нијанса поцврсти. Има доволно места за одлагање ситници, а детал кој ќе го истакнеме е практичниот држач за мобилен телефон поставен во централната конзола. Вакво нешто би требало да имаат сите автомобили.

Инаку, со оглед на класата во која припаѓа 208 – во кабината има сосем доволно простор како на предните седишта, така и на задната клупа. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца, а во итни случаи, можеби и тројца – но сепак, да не претеруваме.

Багажниот простор е повеќе од доволен – на располагање имате 311 литри, кои растат до 1165 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

100-коњскиот турбо-бензинец е идеалниот мотор за 208

Но кога рековме дека токму оваа комбинација на 208 би требало да биде најинтересна, го рековме тоа баш поради комбинацијата од моторот и менувачот. Малиот, 1.2-литарски турбо-бензинец е токму онаа „златна средина“ – нуди сосем добри перформанси, а притоа може да биде исклучително економичен. Од моторот ќе добиете 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Забрзувањето до 100 километри на час трае 9.9 секунди, додека максималната брзина е 188 километри на час.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Малиот трицилиндерски мотор подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас и го задвижува 1090 килограми тешкиот (или лесниот, како сакате) автомобил со ентузијазам на кој многу други модели би можеле да позавидат. А сето тоа нема да биде казнето со преголема потрошувачка – според официјалните податоци, во градски услов 208 со овој мотор троши 5.3 литри бензин на 100 изминати километри, а ние измеривме потрошувачка од нешто над 7 литри на 100 километри.

Забава зад управувачот? Зошто да не!

Плус, 208 е навистина забавен за возење. Француските инженери пробале – и успеале – да евоцираат малку од спомените од легендарниот 205, но и неповторливиот 206. Леснотијата со која 208 ја менува насоката на движење лесно ќе стави насмевка на вашето лице – малиот 208 е директен и забавен, каков што и треба да биде.

Вистинско задоволство е да се користи прецизниот, 6-степен менувач и да се „бркаат вртежи“ за да се одржи темпото. Насочете го кон свиок и тој послушно ќе ги испочитува наредбите, без никаков приговор – а за оние кои сакаат уште поспортско управување, тука е GT-Line кој добива поцврста суспензија, поголеми тркала и поспортски пневматици.

Значи…

Да, на некои им е навистина лесно да бидат кул. А новиот Peugeot 208 е еден од таквите. Францускиот супермини успешно нè шармираше со храбриот дизајн, многуте интересни и несекојдневни детали, тотално out-of-the-box решенијата и забавата зад управувачот. Храбриот пристап на Peugeot вродува со плод – новиот 208 е кул – а мал, урбан и тренди автомобил едноставно треба да биде кул.

Димензии

Спецификации

Модел: Peugeot 208 1.2 PureTech 100 BMV6 Allure
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 188 километри на час
Должина: 4055 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1430 mm
Тежина: 1090 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2540 mm
Багажен Простор: 311 литри
Потрошувачка: 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 208 1.2 Puretech 75 Like – 12.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 208 1.2 PureTech 100 Allure – 16.660Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk
Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.