Tiguan е најпродаваниот Volkswagen минатата година; VW го најавува освежувањето за својот SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Tiguan е најпродаваниот Volkswagen минатата година; VW го најавува освежувањето за својот SUV

Tiguan е најпродаваниот модел на Volkswagen минатата година – вкупно 910.926 примероци беа произведени во 2019, а на почетокот на оваа година вкупната продажба достигна 6 милиони!


Со какво темпо се продаваше Tiguan минатата година? По еден примерок од Tiguan се произведуваше секои 35 секунди, Tiguan е најпродаван SUV во Европа и еден од трите најпродавани SUV модели во светот. И да бидеме искрени – тоа воопшто не нè изненадува. Tiguan се продава во 80% од земјите во светот, се нуди во мал милион комбинации и со многу различни погонски единици. Tiguan се произведува во четири различни фабрики на три континенти – во фабриката во Wolfsburg, Германија, во Калуга во Русија, во Шангај и Мексико.

Првата генерација дебитираше на саемот на автомобили во Франкфурт во 2007 и истата година пристигна на пазарот. Во 2008-мата година беа продадени повеќе од 150.000 примероци. Неколку години подоцна, во 2011 Volkswagen го лансираше освежениот Tiguan и за прв пат ја проби бројката од 500.000 продадени примероци во една година.

Втората генерација пристигна во 2016 и е базирана на MQB платформата на Volkswagen групацијата. Новата платформа овозможи да се комбинираат многу различни погонски единици и технологии, а за оваа година Volkswagen веќе го најавува освежениот Tiguan од втората генерација. Со втората генерација, Volkswagen понуди и верзија со продолжено меѓуоскино растојание која се вика Tiguan Allspace. Новиот Tiguan може да се добие со погон на предните или сите четири тркала, со мануелен или автоматски менувач и со мотори кои нудат меѓу 115 и 240 коњски сили.

Volkswagen се подготвува да го испише следното поглавје на својот успешен SUV со освежувањето на втората генерација. Сега за сега немаме никакви информации, но Volkswagen веќе објави скица со која го најавува фејслифтот. Најавен е плаг-ин хибриден модел за европскиот пазар, како и врвен Tiguan R. Останува само да почекаме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.