ПРЕМИЕРА: Audi го претстави новиот A3 Sedan – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави новиот A3 Sedan

По хечбекот кој беше неодамна претставен, денес Audi ни ја покажа и седан-изведбата на новиот А3.

Втората генерација на успешната приказна на Audi пристигна – иако ова е четврта генерација на Audi A3, првите две генерации не беа достапни во седанска изведба. Со минатата, трета генерација Audi ја претстави и лимузинската изведба – а сега со новата, четврта генерација ја продолжуваат таа приказна.

Новиот автомобил е 4 сантиметри подолг, два сантиметри поширок и 1 сантиметар повисок од минатиот. Сето тоа резултира со автомобил кој е покомфорен и попрактичен.

На предниот дел доминираат големата Singleframe маска и острите предни светла (кои можат да бидат со Matrix LED технологија). Дневните светла се направени од 15 LED сегменти и им даваат на различните верзии на A3 Sedan уникатен светлосен потпис. Странично гледано, карактерната линија завршува дури во задниот браник, со што се истакнува должината на автомобилот (колку за споредба, A3 Sedan е дури 15 сантиметри подолг од новиот А3 Sportback). Кровната линија е дури купеовска, а на задниот дел се истакнува спојлерот кој е интегриран во капакот на багажникот.

Сето ова резултира со динамичен и елегантен компактен спортски седан со подобрена аеродинамика. На пример, верзијата опремена со 2-литарски TDI со 150 коњски сили има коефициент на отпор од 0.25 Cd – и со тоа е за 0.04 Cd подобар од минатата генерација. Тука улога играат и компонентите за активна аеродинамика, како и целосно-затворениот долен дел на автомобилот, со цел да се подобри протокот на воздух.

Кога сме кај моторите, при лансирањето ќе се нудат два TFSI мотори и еден TDI мотор – а кај сите нив заедничка е ефикасноста. Бензинецот со ознака 35 TFSI е 1.5-литарски турбо-бензинец со директно вбрзизгување и испорачува 150 коњски сили и ќе се нуди со мануелен или S-Tronic менувач со двојна спојка. Втората изведба е интересна, бидејќи комбинира благ хибриден систем кој може да испорача дополнителни 50 Nm вртежен момент. 2-литарскиот TDI нуди 150 коњски сили и ќе се нуди само со S-Tronic менувачот со двојна спојка. Иако на почетокот ќе се нудат само овие мотори, од Audi кажуваат дека понудата понатаму ќе биде збогатена и со други погонски единици.

Инаку, седанот ги добива сите нови технологии кои ги добива и A3 Sportback. Секако, ја добиваме истата супер-модерна кабина со 10.1-инчен централен дисплеј за MMI уредот и 10.25-инчен дисплеј пред управувачот во основна варијанта, односно 12.3-инчен дисплеј за Audi Virtual Cockpit Plus. Мултимедијалните уреди овозможуваат Apple CarPlay и Android Auto поврзување, можност за безжично полнење, како и можност за отклучување и заклучување преку Android уред со Audi Connect Key. Во текот на годината ќе се понуди и Amazon Alexa Како виртуелен гласовен асистент. Врв во инфозабавната понуда е MMI Navigation Plus кој има 10 пати помоќен процесор во однос на врвната верзија кај минатиот модел, како и мал милион дополнителни функционалности и услуги кои ќе го олеснат секојдневното користење на автомобилот.

Поврзано:  Во салонот на Audi е изложен електричниот Q4 e-tron

Нарачките за новиот A3 Sedan ќе бидат отворени на крајот на месецов, а испораките ќе започнат ова лето.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.