ПРЕМИЕРА: Ова е новиот Audi A3 Sportback! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е новиот Audi A3 Sportback!

По премиерите на новите Golf, Octavia и Leon, сега и Audi го претстави својот најнов модел – луксузниот A3 Sportback!

Ова е новиот Audi A3 Sportback – значително подинамичен од моделот кој го заменува, со поекспресивен дизајн и грст нови технологии. Секако, новиот модел е веднаш препознатлив како Audi, но забележуваме дизајнерска инспирација како од поголемите модели на брендот, така и од електричните e-tron модели. На предниот дел се истакнуваат предните светла и големата маска на ладилникот, додека профилот е чист и едноставен. На задниот дел добиваме потенки задни светлосни групи со исклучително-интересна графика.

Кабината е исклучително модерна, и не е толку минималистичка како кај новиот Golf. За многу од работите добиваме физички контроли (браво!), а ни се допаѓа и „скалестата“ поставеност на дигиталните екрани. Секако, возачот добива дигитални инструменти, а на централната конзола е поставен големиот мултимедијален уред, под кој се контролите за клима уредот. Новиот Audi A3 Sportback ги добива сите напредни технологии кои Audi ги нуди – меѓу кои и Matrix LED предните светла и сите системи за асистенција во возењето.

Во однос на моторите, европските купувачи ќе можат да изберат меѓу неколку различни погонски единици. Понудата ќе започне со 1.5-литарскиот TFSI со 150 коњски сили, а тука ќе биде и 2-литарскиот TDI кој ќе нуди 116 или 150 коњски сили. Сите мотори на почетокот ќе се нудат со погон на предните тркала, а понатаму ќе биде достапен и quattro погон на сите четири тркала. Купувачите ќе можат да изберат меѓу 6-степен мануелен или 7-степен S-Tronic менувач со двојна спојка. Понатаму ќе бидат додадени и други погонски изведби, секако.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.