Bentley Mulliner Bacalar е специјален двосед со агресивен изглед – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Bentley Mulliner Bacalar е специјален двосед со агресивен изглед

Bentley го претстави ултра-ексклузивниот модел, именуван според лагуната Бакалар на полуостровот Јукатан во Мексико.

Каросеријата на двоседот е изработена од компанијата за комплетни преправки Mulliner, а нејзиниот дизајн е директно инспириран од EXP 100 GT Concept, но интерпретиран во кабриолет изведба. Линиите на предниот дел се многу слични на концептот, со исклучок на LED светлата и решетката кои се одвоени и се со помали димензии.

Отворите на поклопецот на моторот се помалку вдлабнати, а предните крила се помалку набабрени. Во нивните отвори се наоѓаат 22-инчни тркала, чиј траг на задната оска е зголемен за 20 милиметри, во споредба со Continental GT, на кого е базиран моделот.

Задниот дел е во посмирена изведба споредено со концептот. Браникот е различен и инкорпорира дифузер кој остава место за четириаголните издувни цевки, бидејќи Bacalar е автомобил со внатрешно согорување. За разлика од него, EXP 100 GT имаше електрична погонска единица составена од четири електрични мотори со комбинирана сила од 1,340 кс и 1,491 Nm вртежен момент.

Зборувајќи за неговиот агрегат, тој е погонуван од 6.0-литарски W12 бензински мотор, усогласен со осум-степена трансмисија со двојна спојка и погон на сите тркала. Испорачува 650 кс и 900 Nm вртежен момент, што е за 24 кс повеќе од Continental GT. Автомобилот располага и со систем за динамична контрола на возењето што го подобрува управувањето во сите услови.

Ентериерот е во најголем дел преземен од серискиот модел, со исклучок на редизајнираниот волан, новиот дигитален инструмент панел, двобојната кожа, хромираните лајсни, сјајните црни површини и аналогниот часовник. Истиот е украсен и со панел од 5,000 години старо дрво.

Производството на Bacalar е ограничено на само 12 примероци, а сите од нив се веќе продадени по цена од 2 милиони долари.

Поврзано:  Кабриолетот Bentley Batur има 750 коњски сили!

 



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.