full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Pur Sport е потврдокорна верзија на Bugatti Chiron

Најновата верзија на Chiron се вика Pur Sport и создадена да нуди подиректно возачко уживање од стандардниот модел.

Надворешно Pur Sport се одликува со поголеми отвори за воздух, редизајниран карбонски преден браник со интегриран сплитер, изменети странични прагови, нов заден браник со дифузер и голем заден спојлер. Титаниумските издувни цевки се направени по пат на 3D печатење и се многу лесни и отпорни на високи температури.

Погонската единица останала непроменета, така што 8.0-литарскиот W16 агрегат продолжува да произведува 1,500 кс. Сепак, граничникот за максималните вртежи на моторот е поместен за 200 вртежи повисоко, што значи дека Chiron Pur Sport може да ја испорачува силата до 6,900 вртежи во минута. Ова е изведено благодарение на рекалибрирање на автоматскиот менувач.

Другите измени во трансмисијата се 15 проценти поблиски односи на брзините кои даваат подобар ефект при испораката на сила и одзивот на моторот. Резултатот е 40 проценти подобра еластичност споредено со стандардниот модел.

Шасијата добива значајни надградби, вклучувајќи 65% потврди предни пружини, 33% потврди задни пружини и прилагодниви амортизери. Chiron Pur Sport е поставен на 16 килограми полесни Aero фелни, дизајнирани да ја подобрат аеродинамиката и вентилацијата на сопирачките. Тие се обвиени во специјални Bugatti Sport Cup 2 пневматици развиени од Michelin, во профил 285/30 R20 напред и 355/25 R21 позади. Што се однесува до сопирачките, Bugatti одбрале нови титаниумски плочки и полесни дискови.

Bugatti ќе произведе вкупно 16 примероци од Chiron Pur Sport, а секој од нив ќе чини 3.2 милиони евра. Плус локалните даноци, секако.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.