ВОЗЕВМЕ: BMW Серија 2 Gran Coupe во Португалија – Некои нови авантури… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: BMW Серија 2 Gran Coupe во Португалија – Некои нови авантури…

На покана на BMW, отидовме во Португалија за да седнеме зад управувачот на новата, несекојдневна BMW Серија 2 Gran Coupe!

Баварците продолжуваат да ја прошируваат стратегијата за именување на своите модели. Ознаката Gran Coupe е резервирана за купеата со четири врати кои ги нудат – и токму за тоа ќе зборуваме денес. Сепак, немојте да ја помешате Серија 2 Gran Coupe со Серија 2 Coupe – првата е со четири врати и погон на предните (или сите четири) тркала, додека втората е купе со две врати и погон на задните (или сите четири) тркала.

Океј, го расчистивме тоа? Можеме да одиме понатаму!

Зошто BMW Серија 2 Gran Coupe?

Значи… BMW Серија 2 Gran Coupe. Зошто? Едноставно – BMW сака да земе дел од колачот на компактни премиум купе автомобили кои во моментов се вистински хит кај купувачите. Дополнително, сака да понуди премиум компактен автомобил на пазарите каде хечбек моделите не се особено популарни. Па така всушност доаѓаме до Серија 2 Gran Coupe (или, за да скратиме – 2 GC). Серијата 2 Gran Coupe е всушност базирана на одличната (и контроверзна) нова Серија 1, но со неколку значителни измени.

Првиот – и најочигледен – новитет е редизајнираниот заден дел, како и новата кровна линија која доаѓа со него. Подзамижете малку и ќе ги препознате линиите на Серија 8 Gran Coupe. Да, во ред – помалиот брат ги нема истите (ние би рекле идеални) пропорции на Серијата 8 Gran Coupe, но семејните врски се препознаваат. Широкиот став, острата карактерна линија, тенките и широки задни светла.. Плус – Серија 2 Gran Coupe добива врати без рамки, а многу научни истражувања потврдуваат дека вратите без рамки барем четири пати го зголемуваат кул факторот кај секој автомобил. Наука!

Поврзано:  BMW ја претстави шестата генерација на системот eDrive

Инаку, предниот дел наликува на оној на Серијата 1. Добиваме редизајнирани предни светла, поагресивни браници со поголеми отвори за воздух и пошироки BMW „бубрези“. Да, моделите се слични, но ставете ги автомобилите еден до друг и разликите се повеќе од очигледни. Кога BMW за прв пат ја претстави Серијата 2 Gran Coupe, автомобилот на официјалните фотографии ни изгледаше малку чудно – но во живо е сосем друга приказна и изгледа многу поуверливо, особено во спортските M Sport и M235i изведби.

Frameless врати, супер-кул кабина и многу кул детали.

Кабината е скоро идентична како кај Серијата 1 – а тоа значи врвни материјали, спортско чувство и најновите технологии кои BMW ги нуди. Ја отвораме frameless вратата (повторно, толку, толку кул) и се спуштаме во возачкото седиште. Се седи ниско во спортските седишта (кои истовремено нудат одлична странична поддршка и се супер-комфорни) и сите контроли се близу на дофат и лесни за користење.

Во рака ни е спортскиот М-управувач и сите материјали кои ги допираме се навистина квалитетни. Пред нас се поставени дигитални инструменти кои се лесно-разбирливи, а на централната конзола е големиот мултимедијален уред со најновата генерација на iDrive оперативниот систем на BMW. Поврзувањето и користењето е лесно и интуитивно – BMW го прави најверојатно најлесниот за користење инфозабавен систем во моментов.

Мал компромис е направен на задните седишта – просторот за нозе е идентичен како и кај Серијата 1, но поради опаѓачката кровна линија има малку помалку простор за главите на патниците – па оние кои се повисоки од два метри можеби ќе имаат мали замерки.

Моќен турбодизел, уште помоќен турбо-бензинец!

Океј, но како е зад управувачот? Нашите домаќини од BMW ни обезбедија две верзии да пробаме – првата беше BMW 2 Series 220d M-Sport, опремена со 2-литарскиот турбодизел со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, додека втората беше одличната изведба на M Performance која ја носи ознаката M235i xDrive и добива 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 306 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, кои ги пренесува кон асфалтот преку автоматски менувач и xDrive погон на сите четири тркала.

Поврзано:  M3 CS Touring е ултимативниот караван на BMW

Ајде прво за турбодизелот. Дволитарскиот турбодизел е исклучително рафиниран во испораката на моќ – испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 400 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Ја испорачува таа сила кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Според официјалните бројки, спринтот до 100 километри на час трае 7.5 секунди, додека максималната брзина е 235 километри на час. Во реалноста, чувството зад управувачот е дека автомобилот е побрз од она кое официјалните податоци го сугерираат. Спортското чувство е неизбежно – како што и треба да биде во едно BMW.

Од таму, одиме во M235i xDrive. Тука приказната е уште поинтересна  – дволитарскиот турбо-бензинец одговара подготвено на секоја инструкција, особено кога ќе префрлите во Sport режим. На секое притискање на педалата за гас, турбо-бензинецот одговара подготвено и ентузијастички – а тие 306 коњски сили и 450 Nm вртежен момент ги пренесува кон сите агли преку 8-брзински автоматски менувач и xDrive погон на сите четири тркала.

Резултат на сето тоа? Катапултирање до 100 километри на час кое трае само 4.9 секунди – но нашите домаќини од BMW во ниту еден момент не ни сугерираа дека доколку условите се погодени, тоа време може да падне и на 4.5 секунди.  Максималната брзина е (секако) електронски ограничена на 250 километри на час.

Директно и супер-прецизно управување – ова е еден од најдинамичните автомобили во својот сегмент!

А во возење? Управувањето е директно и супер-прецизно, и новата Серија 2 GC ги добива истите магични вуду технологии кои ги добива и Серијата 1 – па тоа значи дека во рацете повторно имаме супер-динамичен автомобил.

Поврзано:  BMW ја претстави шестата генерација на системот eDrive

Всушност, ова е еден од најдинамичните автомобили со погон на предните тркала и на оние кои го критикуваат без воопшто да го пробаат имаме да им кажеме само една работа – седнете зад управувачот, повозете малку, па ќе правиме муабет.

Особено спортската, M235i изведба – таа е како сосем поинаква ѕверка во однос на конвенционалниот дизел. Ја менува насоката со подготвеност и агилност која изненадува – но се должи и на дополнителните зацврстувања кои ги добива оваа изведба, покрај адаптивната суспензија и спортските пневматици. И верувајте – сето тоа резултира со автомобил кој ќе ги исполни (и надмине) сите очекувања кои купувачите ги имаат.

BMW има што да каже!


Во суштина, BMW влегува во некои нови авантури и ја проширува понудата со автомобил кој има што да каже – од дизајнот (кој за волја на вистината, најде свои вокални критичари), па сè до динамичноста, квалитетот и врвната кабина. Ова е автомобил кој ќе го најде своето место под небото – бидејќи едноставно, го заслужува тоа!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.