ПРЕМИЕРА: Volkswagen ги претстави GTI, GTD и GTE верзиите на новиот Golf! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ги претстави GTI, GTD и GTE верзиите на новиот Golf!

Новиот Golf GTI во својата основна варијанта ќе добие 2-литарски турбо-бензинец со 245 коњски сили!

По долгите најави и шпекулации, Volkswagen конечно ги откри првите жешки верзии на новиот Golf (кој пред само неколку дена беше претставен и кај нас). На предниот дел на новиот GTI доминираат светлата за магла во несекојдневен облик, а LED предните светла ги спојува тенок LED елемент. Дополнително, жешките изведби добиваат и линија во боја која од едниот до другиот фар – кај GTI таа е црвена, кај GTD е сребрена а кај плагин хибридниот GTE е сина.

Сите верзии ќе бидат стандардно достапни со 17-инчни тркала, а ќе се нудат и 18 и 19-инчни тркала. Сите верзии добиваат заден спојлер и заден дифузер, како и LED светла. Ознаките GTI, GTD и GTE се на средината на поклопецот на багажниот простор. GTI има двојни завршетоци, GTD има пар поставени од страна, додека кај GTE тие се скриени.

Кабината е спортска интерпретација на кабината на новиот Golf. Ги добиваме оние легендарните „карирани“ седишта, добиваме спортски управувач, класичниот рачен менувач чија глава е во облик на топче за Голф, а добиваме и Innovision Cockpit со 10.25 инчен дисплеј за инструментите и 10-инчен дисплеј за инфозабавниот систем. Стартувањето е (секако) на копче, кое пулсира во боја пред да го стартувате моторот.

Е сега, да зборуваме малку и за погонските единици. Новиот Golf 8 GTI ја добива најновата верзија на 2-литарскиот EA888 TSI турбо-бензинец која сега испорачува 245 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Golf GTI ќе може да се добие со шест-степен мануелен или 7-брзински DSG менувач со двојна спојка. Секако, силата се пренесува кон предните тркала. GTD добива 2-литарски TDI турбодизел кој испорачува 200 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, и може да се добие само со автоматски менувач.

Поврзано:   Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7!

Плагин хибридниот Golf GTE комбинира 1.4-литарски TSI турбо-бензинец со батерија и електромотор за системски 245 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Оваа изведба ќе се нуди само со 6-брзински DSG менувач со двојна спојка. Golf GTE може да помине околу 60 километри на електрична енергија и да постигне максимална брзина од 130 километри на час кога се вози само на струја.

Важен новитет е новиот систем за контрола на возната динамика кој кај спортските изведби на Golf се вика Vehicle Dynamics Manager – систем кој истовремено ги контролира електронскиот диференцијал и адаптивната суспензија. Новиот систем овозможува подетална контрола на параметрите на суспензијата и со тоа ќе им овозможи на возачите навистина „по свое“ да ги нагодат работите.

Кој е вашиот фаворит? GTI, GTD или GTE?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.