Океј, не знаеме како ќе се вика првиот електричен M-автомобил, но BMW ги откри првите детали – четири електромотори, супер-напредни системи и… Симулиран менувач?
Основа на идните електрични М-автомобили (и првиот најверојатно ќе биде M3, ајде барем привремено да го викаме iM3) ќе биде значително доработен погон кој веќе дебитираше кај iX3 од Neue Klasse. BMW веќе потврди дека iM3 ќе има четири електромотори – по два на секоја оска, односно по еден на секое тркало. Сега за сега не објавуваат колку моќ ќе има првиот електричен М-автомобил, но нели би било убаво ако има некоја убава, „округла“ бројка од 1000 коњски сили?
Во ред, во ред – тоа е можеби премногу, но не е нечекувано со оглед на моќта на електричните автомобили. Она што е поважно е дека секој електромотор може прецизно да управува со моќта и вртежниот момент, а од BMW кажуваат дека „ќе биде искуство кое досега не било достигнато.“ Моторите ќе се напојуваат од голема батерија со капацитет од 100 kWh, а за да се надомести за тешката батерија баварците ќе користат супер-лесни материјали за структурата и каросеријата на автомобилот.
Истовремено, системите ќе дозволат целосно исклучување на предната оска, односно целосен погон на задните тркала, што би требало да влијае позитивно и на ефиканоста, односно автономијата на струја. Во превод, вистинско М-искуство со погон на задните тркала. ;)
А кога сме кај искуството, од BMW кажуваат дека за да се добие незаменливото М искуство, автомобилите ќе понудат и предефинирани режими на возење, симулирано менување на брзините и новоразвиен звучен потпис. Со ова, BMW сака да внесе емоции во електричните BMW M модели.
И сето ова звучи добро. Навистина добро. Првиот целосно-електричен BMW M се очекува да биде претставен до крајот на годинава, а да пристигне на пазарот во 2027.













