full screen background image
Search

Македонско деби на новата Opel Corsa

Најновата, шеста генерација на супер-популарното супермини на Opel вчеравечер ја имаше својата македонска премиера.

Едно од најважните имиња во историјата на Opel е токму Corsa. Популарното супермини се продава веќе 37 години и Corsа е продадена во повеќе од 14 милиони примероци. Токму затоа, Opel одлучи дека новата Corsa ќе биде еден од технолошки најнапредните модели во својот сегмент.

„Со нетрпение го чекавме моментот кога новата Corsa ќе пристигне пазарот во нашиот регион и сигурен сум дека ќе бидете воодушевени. За прв пат во својот мал бестселер, Opel нуди технологии и системи за асистенција што клиентите обично ги знаат само од возилата од повисоката класа. Главната атракција се матрикс IntelliLux LED® светлата без отсјај, но има и системи за асистенција од врвно ниво, како и одлична поврзаност и забава со новиот опсег на инфозабавни системи. Оваа година е специјална и за Opel по тоа што воведува и целосно електрична Corsa, но засега нејзините варијанти со бензин и со дизел ќе бидат достапни на регионалниот пазар.“ – изјави Александар Мешков, кој како претставник на Opel се обрати пред публиката.

Веќе пишувавме дека Corsa добива хај-тек IntelliLux светла, а добива и напредни инфор-забавни системи, современи системи за безбедност и многу, многу други новитети – и меѓу другото, ќе се нуди и како електрично возило.

Неодамна, Corsa се закити и со AutoBest признанието за Best Buy Car of Europe 2020, признание со кое луѓето од Opel особено се гордеат.

На вчерашната презентација, посетителите имаа можност одблиску да ја погледнат новата Corsa и самите да се уверат во модерниот и привлечен дизајн на германското супермини – и мораме да се согласиме, новата Corsa навистина изгледа одлично, особено во оваа двобојна комбинација со храбрата портокалова боја и црниот кров. Ни се допадна и спортскиот ентериер – но се надеваме дека наскоро и самите ќе имаме можност да ја повозиме, и да ги пренесеме нашите впечатоци.

Поврзано:   Opel се враќа во Јапонија со Corsa, Grandland X и Combo Life!

Како што напоменавме, новата Corsa е достапна и како електричен автомобил, а достапни се и конвенционални изведби со мотори на внатрешно согорување. Достапeн е 1.2-литарски атмосферски бензинец со 75 коњски сили, како и две верзии на 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 или 130 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, тука е 1.5-литарскиот мотор со 102 коњски сили. Основниот мотор е достапен со 5-степен мануелен менувач, додека кај другите мотори е достапен 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач.

Новата Corsa е веќе достапна на нашиот пазар, со почетна цена од 12.920 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.