full screen background image
Search

ПАНОРАМА: Audi Q7 TFSI e Quattro е голем, плаг-ин хибриден SUV со 381 или 456 коњски сили

Audi ја продолжува електрификацијата – и својот најголем SUV го нуди со плаг-ин хибриден погон кој е достапен со 381 или 456 коњски сили, и може да помине до 43 километри на електрична енергија.

Големиот Audi Q7 TFSI e quattro (тоа му е целосната ознака) користи 3-литарски V6 турбо-бензинец кој испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Бензинецот соработува со батерија и електромотор, за да испорача 381 коњска сила и 600 Nm вртежен момент кај Q7 55 TFSI e quattro, односно моќни 456 коњски сили и 700 Nm кај Q7 60 TFSI e quattro. Силата се пренесува кон сите тркала преку Tiptronic автоматски менувач и quattro погон, очекувано.

Перформансите не се за занемарување – 55-ката може да забрза до 100 километри на час за 5.9 секунди, додека на помоќната верзија и требаат само 5.7 секунди. Обете верзии постигнуваат максимална брзина од 240 километри на час и можат да возат на електрична енергија при брзини до 135 километри на час.

Батеријата е поставена под багажниот простор и е со капацитет од 17.3 kWh, додека волтажата е 308 волти. Батеријата е поделена во 168 ќелии и 14 модули, кои се поставени на две нивоа. Сето ова резултира со екстремно ниска потрошувачка на безин која е меѓу 2.8 и 3 литри бензин на 100 изминати километри според WLTP мерењата, како и емисија на штетни гасови од 64 до 69 грама CO2 на изминат километар.

Кога ќе го стартувате, големиот плаг-ин хибриден SUV стартува во електричен режим, и при брзини до 20 километри на час (во согласност со ЕУ правилата) емитира звук од надворешен звучник кој е наменет за пешаците и велосипедистите во градски услови на возење. Q8 TFSI e quattro има неколку различни режими на возење – може да се вози како електричен автомобил или како хибриден – и хибридниот режим има два под-режими. Едниот е Auto, во кој автомобилот самиот ја регулира стратегијата за вклучување и исклучување на моторот (и во суштина, е режимот во кој би поминале најмногу време), додека другиот е Hold, кој всушност ја одржува батеријата на посакуваното ниво, па по долго возење на отворен пат, кога ќе стигнете во градски услови ќе имате полна батерија.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi A6 Avant 55 TFSI e quattro - Голем, плаг-ин хибриден караван!

Интересно работи системот за планирање на патувањата – кога ќе возите на подолги релации, хибридниот систем ќе ги земе во предвид податоците од навигацијата за однапред да „планира“ како ќе го користи погонот. Секако, тука се земени во предвид и информации околу сообраќајот кои се добиваат од online сервиси, како и стилот на возење на возачот. За краткорочни предвидувања (кои работат паралелно со долгорочните) се земаат во предвид информации од блиската околина, навигацијата, ограничувањата на брзината, видот на патиштата, нагорнини или надолнини, итн.

Дополнително, за уште повеќе да се подобри ефикасноста, во оние ситуации во кои возачот ќе го тргне стапалото од педалата за гас, системот одлучува дали да „едри“ или да започне со регенеративно сопирање, односно да ја полни батеријата. Во зависност од ситуациите, електромоторот функционира како сопирачка до сила од 0.3g, која според Audi се користи во 90% од ситуациите на сопирање. При поагресивно сопирање се активираат и хидрауличните сопирачки, кои можат да ја полнат батеријата со моќност од 80 kW.

Сите примероци на Q7 TFSI e quattro доаѓаат со S-Line пакет, кој вклучува поспортски браници, но и поспортски ентериер со спортскис седишта, црни тапацири и алуминумски детали. Кабината го добива Audi Virtual Cockpit системот, а купувачите ќе го добијат и Audi Drive Select системот со неколку различни режими на возење – comfort, efficiency, auto, dynamic, individual, allroad и offroad.

Големиот плаг-ин хибриден SUV е веќе достапен за нарачка, а од Audi кажуваат дека првите примероци ќе пристигнат кај купувачите кон крајот на оваа година – односно, деновиве.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.