AC Schnitzer понуди пакет за засилување и дотерување на BMW Z4 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

AC Schnitzer понуди пакет за засилување и дотерување на BMW Z4

Германскиот тјунер претстави пакет за засилување на перформансите и додатоци за поагресивен изглед на екстериерот на спортскиот роудстер.

Пакетот е наменет за најсилниот модел Z4 M40i, кој е погонуван од 3.0-литарски агрегат со шест цилиндри поставени во ред. Во стандардно издание тој доаѓа со 340 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, додека по третманот на AC Schnitzer овие бројки се зголемуваат на 400 кс и 600 Nm.

За да го направи поразличен од „обичната“ верзија, AC Schnitzer развиле поагресивен бодикит кој вклучува преден сплитер и дводелен заден спојлер. Роудстерот Z4 исто така добива и поиздадени странични крила и отвори за вентилација на поклопецот на моторот, додека стандардните тракала се заменети со специјални 20-инчни алуминиумски фелни достапни во два различни дизајни.

За постабилно држење на патот тука се и нови пружини кои го приближуваат автомобилот до подлогата за 25 милиметри. За сопствениците на M40i, тјунерот нуди и прилагодлива суспензија по повисока цена, а за љубителите на погласен звук во понуда е и нов издувен систем со четири издувни цевки.

Во кабината измените опфаќаат нови алуминиумски лопатки позади воланот, заедно со алуминиумски педали, подлога за одмарање на стапалото, како и држачот за клучот. За сите овие додатоци, AC Schnitzer дава и пет годишна гаранција за нивниот квалитет.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.