ТЕСТ: Jaguar XE D180 RWD Auto – Убавината не е само површна – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar XE D180 RWD Auto – Убавината не е само површна

Jaguar неодамна го освежи својот „најмал“ спортски седан – а тоа беше повеќе од доволна причина да поминеме малку време со XE и самите да се увериме во измените.

Кога Jaguar нешто прави, конкуренцијата внимателно следи – затоа што Jaguar има традиција на развивање автомобили кои можеби не се баш конвенционални, но она кое го прават – го прават навистина добро.

Ова не е прв пат да се дружиме со Jaguar XE – всушност, пред околу една година поминавме еден викенд во друштво на XE пред тој да биде освежен. Уште тогаш имавме можност да се увериме во неговите динамични квалитети, но напоменавме дека во некои сегменти, британскиот седан малку доцни зад директната (да не речеме, германска) конкуренција.

Еве нè денес – година-и-ситно подоцна, повторно зад управувачот на Jaguar XE. Британскиот производител му посвети сериозно внимание на својот најмал спортски седан – ги послуша како автомобилските критичари, така и купувачите – и прилично темелно го освежи XE.

Ако се прашуваме ние – XE е најубавиот спортски седан во моментов.

Ајде да започнеме со екстериерот. Она кое веднаш ќе го препознаеме се редизајнираните предни светлосни групи и значително поагресивниот преден браник. Светлата се поостри, отворите за воздух се подлабоки, а црната маска на ладилникот одлично му прилега на динамичниот карактер.

Профилната линија е речиси неизменета, а добро изгледаат и 18-инчните тркала, но ние би одбрале некоја посветла нијанса. Измените на задниот дел се подискретни – суптилно се редизајнирани задните светла, поголем и поагресивен е „дифузерот“ во задниот браник и малиот спојлер кој е интегриран во капакот од багажниот простор е нијанса поистакнат.

Сè на сè – измените се дискретни, но доволно забележителни да го освежат XE и да му дадат модерен, современ лик. Всушност – ако се прашаме ние, Jaguar XE е најубавиот спортски седан кој во моментов се нуди на пазарот. Браво!

Поврзано:  Секој модел на Jaguar освен F-Pace ќе биде пензиониран до крајот на годинава

Значително освежена кабина

Значително потемелно е освежувањето во ентериерот на XE. Кабината на XE добива нови, редизајнирани дигитални инструменти, како и нов управувач и нова централна конзола. Се спуштаме во возачкото седиште и пред нас се јасни и прилагодливи дигитални инструменти кои ја менуваат графиката во зависност од одбраниот режим на возење. На централната конзола добиваме темелно-преработен мултимедијален уред кој е значително пореспонзивен од оној кој досега се вградуваше во XE.

Под него има уште еден помал дисплеј преку кој се контролираат функционалностите на клима уредот, а околу него се физичките контроли за климатизацијата – во кои има вградени екрани за прикажување на температурата. Со притискање на еден од кружните контролери одбирате дали да ја контролирате температурата во автомобилот, интензитетот на дувањето на клима-уредот или пак интензитетот на греењето на предните седишта. Практично и лесно-достапно решение!

Инаку – сосем доволно простор за двајца има и на задната клупа. Да, Jaguar XE е еден од  најкомпактните модели во класата, но да не се лажеме – тука има повеќе од доволно простор за потребите на корисниците на ваков автомобил. Ни се допаѓа дека и седиштата на задната клупа се длабоки и профилирани – па се комфорни и при возење и кон подалечни дестинации.

Сепак, вреди да се напомене дека тунелот за преносот кон задните тркала е прилично голем – па не би препорачале пренесување тројца патници на задната клупа – барем, не на подолги возења. Инаку, XE добива сосем респектабилен багажник – отворете го поклопецот на багажникот и ќе најдете 410 литри, достапни преку прилично правилен отвор. Секако, задните седишта се спуштаат за уште поголем простор, доколку сакате да пренесете нешто поголемо.

Поврзано:  Jaguar го произведе последниот F-Type

Моќен и економичен турбодизел со 180 коњски сили

Пред да зборуваме за возачкото искуство, прво малку за погонот. Нашиот тестен модел беше придвижуван од 2-литарски Ingenium турбодизел кој испорачува 180 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 430 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон задните тркала преку докажаниот 8-брзински автоматски менувач од ZF. Со фејслифтот, XE добива и рекалибриран софтвер на менувачот за да има побрзи реакции.

Сè уште има менувачи кои се реагираат побрзо на притискање на педалата за гас, но особено во Dynamic режим, менувачот одговара подготвено и менува брзини баш спортски. Кога ќе го префрлите автомобилот во Normal режим, тогаш менувачот е нијанса полетаргичен а одзивот на педалата за гас е порелаксиран – со што се наметнува еден поопуштен, достоинствен стил на возење.

Динамичниот потенцијал на XE е огромен

Конечно – ајде малку и за искуството зад воланот. Она кое ќе го кажеме е дека XE е чистокрвен спортски седан. Инженерите на Jaguar си ја знаат работата, па XE доследно ги следи инструкциите, а „фрлањето“ од еден свиок во друг станува лесно и забавно. Секако, тука огромна улога играат одлично-нагодената шасија и погонот на задните тркала. Всушност – како што напоменавме и минатиот пат, очигледно е дека XE „трпи“ барем уште стотина коњски сили – неговиот потенцијал е навистина огромен.

Од друга страна, комфорот во ниту еден момент не е нарушен. Да, секако – суспензијата е јасно ориентирана кон динамичното управување, но во кабината во ниту еден момент не се пренесуваат несакани вибрации, ниту пак не е „премногу тврдо“. Ова не е лесно да се постигне – и токму затоа, повторно имаме пофални зборови за инженерите на Jaguar.

Поврзано:  Jaguar се збогува со F-Pace со две специјални изведби на луксузниот SUV

Заклучок: XЕ го заслужува вашето внимание.

Мисијата на инженерите и дизајнерите на Jaguar со освежувањето на XE е повеќе од јасна – да им посветат внимание на ситните недостатоци и дополнително да ги истакнат силните страни на британскиот спортски седан. А ние ќе речеме – мисијата е успешна! Со освежувањето, изгледот е затегнат, погонот е надграден и ентериерот е темелно освежен – а со тоа Jaguar XE продолжува да биде сериозен играчн во сегментот – но сега уште поуверливо.

Ако разгледувате спортски седани и барате нешто кое не само што ќе ви изнуди насмевка секој пат кога ќе седнете зад управувачот, туку и ќе изгледа фантастично каде и да го паркирате – тогаш XE дефинитивно го заслужува вашето внимание.

Спецификации

Модел: Jaguar XE D180 AWD Auto
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 430 Nm / 1750 – 2500вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 8.1 секунда
Максимална Брзина: 230 километри на час
Должина: 4678 mm
Ширина: 2075 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1416 mm
Тежина: 1565 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2835 mm
Багажен Простор: 410 литри
Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jaguar XE S D180 RWD – 49.300 Евра
Цена на тестираниот модел: Jaguar XE S D180 RWD Auto – 59.000 Евра
Повеќе Информации: mk.Jaguar.com

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.