full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi Q3 35 TDI Advanced S-Tronic – Формулата која победува, не се менува

Кога Audi за прв пат го лансираше Q3 успеа да направи вистинско поместување во сегментот. Сега, неколку години подоцна покажува дека победничката формула навистина не треба да се менува.

Првиот Audi Q3 е особено интересен за нас – всушност, во сега веќе далечната 2012, тестот на оригиналниот Audi Q3 беше еден од првите кои ги објавивме. Еве нè сега, неколку години подоцна, зад управувачот на новата, втора генерација на супер-успешниот SUV на Audi.

Со оглед на успехот на првиот Q3, сосем е јасна одлуката на Audi да не ризикува многу-многу со новиот автомобил и да продолжи со докажаните одлуки кои веќе го поставија овој модел на самиот врв во сегментот.

Тогаш, ајде да зборуваме за новиот автомобил.

Современ дизајн – бидете храбри и одберете несекојдневна боја

Како и вообичаено, ајде прво да зборуваме за дизајнот. Познавачите на Audi ќе го препознаат тековниот дизајнерски јазик на германскиот бренд.

На предниот дел едноставно доминира големата маска на ладилникот – која наликува на онаа кај големиот Q8. Лево и десно до неа се поставени острите, хоризонтално-изведени предни светлосни групи, додека под нив се поставени дополнителните, странични отвори за воздух. Страничната линија е очекувана за еден Q-модел на Audi – остра карактерна линија и мускулести „крила“ околу тркалата, како и конвенционална кровна линија која ветува простор во кабината.

На задниот дел особено добро ни изгледаат задните светлосни групи со изразено-тродимензионална графика, но ќе забележиме на лажните завршетоци од издувниот систем. Дополнително, сметаме дека на Q3 „му требаат“ уште број-два поголеми тркала, како и храбра боја и контрастно-обоени заштитни панели за целосно да се заокружи сликата за привлечен, тренди SUV.

Врне, ајде да влеземе во кабината

Од надворешноста, се префрламе во кабината. Не само заради тоа што треба да зборуваме за модерниот ентериер на новиот Q3, туку и заради тоа што (како што и можете да видите на фотографиите) – врне. Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува ентериер кој го очекуваме – современ, со врвна завршна обработка и со квалитетни материјали.

Поврзано:   Во салонот на Audi пристигна новиот Q3

Пред возачот се поставени Virtual Cockpit дигиталните инструменти на кои се гледаат сите важни информации околу возењето. На централната конзола доминира големиот мултимедијален уред кој е привлечно интегриран во остатокот од кокпитот. Не сме нешто особено големи фанови на пијано-црниот финиш, кој е вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти, но мораме да признаеме дека (кога е чист), во Q3 изгледа одлично. Всушност, благодарение на контрастните детали во сребрена боја, кабината изгледа (и се чувствува) скапо.

Предните спортски седишта се навистина комфорни и нудат одлична странична поддршка. Прегледноста – благодарение на големите стаклени површини и повисоката седечка позиција – е генерално во ред и немаме посериозни забелешки, а ергономијата е завидна – како што и би требало да биде. Малку нè збуни поставеноста на „тркалцето“ за контрола на гласноста на радиото – онаму доле десно под мултимедијалниот уред и контролите за климата, но во разговор со Audi ни беше објаснето – идејата е „тркалцето“ да биде за совозачот, а возачот да ги користи командите на управувачот, за да не ги трга рацете од него.

Инаку, сосем доволно простор има и на задната клупа. Во ред, не е толку просторно како во некој од поголемите Q модели (погледнете ги нашите тестови на Audi Q5, како и голееемиот Audi Q7), но на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (а по потреба дури и тројцa) патници. Има многу, многу простор за нозете, како и повеќе од доволно простор за главите.

Приказната за просторната понуда ја заокружуваме со големиот багажник – ја отвораме големата врата од багажникот и нè пречекува зафатнина од дури 530 литри, кои нараснуваат на одлични 1525 литри кога ќе ги спуштиме задните седишта. Кога се спуштени задните седишта добиваме огромна рамна површина – па пренесување и поголеми предмети не би било проблематично.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi A6 55 TFSI e Quattro - Мал додаток во името означува плаг-ин хибриден седан со 367 коњски сили

Моќен и економичен турбодизел со 150 коњски сили

Новиот Q3 е поставен на модуларната MQB платформа на Volkswagen групацијата. Може да се добие со грст различни мотори, а нашиот тестен автомобил дојде со моторот кој очекуваме дека ќе биде најбараниот на нашиот пазар – 2-литарскот TDI кој испорачува 150 коњски сили при 3500 вртежи во минута и моќни 340 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Кај конкрениот автомобил, силата се пренесува кон предните тркала преку одличниот S-Tronic менувач со двојна спојка и седум степени на пренос.

Во оваа комбинација, Audi Q3 35 TDI забрзува до 100 километри на час за 9.2 секунди и постигнува максимални 207 километри на час. За време на тестирањето измеривме просечна градска потрошувачка од околу 7.5 литри дизел на 100 изминати километри. Секако, доколку сте поагресивни со педалата за гас таа потрошувачка ќе се зголеми, но не очекувајте да се искачи на повеќе од 9 литри дизел на 100 километри во градски услови.

Како е зад управувачот?

Audi Q3 е екстремно лесен за возење. Веќе зборувавме за прегледната возачка позиција – која навистина го олеснува маневрирањето, а своја улога играат и сензорите и камерата за паркирање. Инженерите на Audi посветиле многу внимание на намалување на несаканите вибрации и бучавост во кабината – па новиот Q3 е еден од најкомфорните и најтивките модели во сегментот.

Но тоа не значи дека е заборавено на динамичноста – напротив, управувањето на Q3 е директно, прецизно и неутрално. Можете да нарачате адаптивна суспензија – но по времето кое го поминавме со Q3 со стандардна суспензија, можеме да кажеме дека и таа опција е сосем доволна.

Многу „играчки“, врвна безбедност

Бидејќи се работи за Audi кај новиот Q3 можете да добиете навистина многу опрема – од премиум аудио системи, преку Matrix LED светла, па сè до очекуваниот quattro погон на сите четири тркала. Нашиот тестен модел дојде со спортски седишта, 18-инчни тркала, LED предни светлосни групи, автоматски менувач, двозонски клима уред, голем MMI мултимедијален уред со можност за Bluetooth поврзување со мобилен телефон, хромирани кровни носачи, паркинг сензори, Audi Sound System аудио уред, спортски предни седишта и многу, многу повеќе.

Поврзано:   Audi претстави верзија на e-tron со помала батерија

Секако, стандардно ќе добиете и мал милион воздушни перничиња, како и грст системи за активна и пасивна безбедност. За безбедноста на Q3 сведочат и максималните пет ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата.

Заклучок: Audi не ризикува со новиот Q3, бидејќи едноставно – нема потреба!

Навистина, зошто Audi да ризикува со формулата за Q3, кога првата генерација беше толку успешна? Едноставно, инженерите и дизајнерите на Audi дополнително ги истакнале сите добри страни на автомобилот од минатата, во автомобилот од новата генерација.

Да заокружиме – новиот Q3 е меѓу најпросторните во класата и има супер-модерна и рафинирана кабина од една страна, а е изненадувачки динамичен и забавен зад управувачот од друга страна. Тука ќе ги додадеме и моќните турбо-бензински и турбодизел мотори – и станува јасно зошто Q3 и понатаму ќе биде еден од најпопуларните модели во премиум SUV сегментот.

Спецификации

Модел: Audi Q3 35 TDI Advanced S-Tronic
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 1750 – 3000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.2 секунди
Максимална Брзина: 207 километри на час
Должина: 4484 mm
Ширина: 2024 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1616 mm
Тежина: 1580 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 530 – 1525 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Audi Q3 35 TFSI – 34.547 Евра
Цена на тестираниот модел: Audi Q3 35 TDI Advanced S-Tronic – 48.451 Евра
Повеќе Информации: Audi.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.