ТЕСТ: Audi Q7 3.0 TDI S-Line – Технолошко поместување на границите! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi Q7 3.0 TDI S-Line – Технолошко поместување на границите!

Новиот Q7 носи грст новитети кои имаат задача да го постават големиот SUV на Audi на самиот врв меѓу конкуренцијата – а за да го постигне тоа треба да биде навистина многу, многу добар!

Кога првата генерација на Q7 се појави на пазарот, успеа да направи нешто што никој не го очекуваше – Audi понуди голем луксузен теренец кој прилично успешно им ги помати сметките на најблиските германски конкуренти, но и на оние малку подалечните и со многу подолго теренско реноме. Сепак, првата генерација на Q7 имаше и свои критичари – на некои не им се допадна стајлингот, на некои не им одговараше динамиката – но сепак со многуте варијанти и широката гама на мотори – првиот Q7 беше одличен пример за тоа дека иако некој можеби малку ќе задоцни на забавата, сепак ќе го има вистинското влијание.

Втората генерација на Q7 има задача да пополни прилично големи (и фигуративно, но и реално) чевли. Не само што треба да го повтори и одржи успехот на првата генерација, туку и да ги надмине очекувањата на потенцијалните купувачи. Со таа цел, инженерите и дизајнерите од Инголштад решија да му посветат многу внимание на својот знаменосец (барем меѓу SUV моделите) и да го понудат најдоброто што можат.

Чистите линии најавуваат самодоверба и компетентност

audi-q7-carclub-side

Да започнеме со екстериерот. Ако минатиот дизајн беше прилично агресивен и арогантен, новиот Q7 е значително посмирен, но со поостри линии и агли. Дизајнот нема секому да се допадне, особено не на фотографии – но во реалноста изгледа како голем караван со повисока суспензија и огромна доза на самоувереност. Чистите линии и рамните површини најавуваат самодоверба и компетентност, а со тоа и елеганција која можеби му недостасуваше на минатиот модел.

audi-q7-carclub-siderear

Сепак, многу се важни и новитетите кои се „под кожата“, а најважниот меѓу нив е новата MLB Evo платформа која е искористена за основа на големиот SUV. Благодарение на новата платформа, но и манијакално внимание на тежината, новиот Q7 е повеќе од 300 килограми полесен од својот претходник! За да се постигне таа бројка, свој придонес има не само платформата, туку и мерките за намалување на тежината во погонот, системите за ладење, издувниот систем, седиштата, системите за греење, и многу, многу други детали. Всушност, Audi со гордост кажува дека новиот Q7 е најлесниот голем луксузен SUV!

Опсесијата со намалување на тежината резултира со чувство како во голема луксузна лимузина!

audi-q7-carclub-front

Ова опсесивно внимавање на намалување на тежината резултира со луксузен SUV кој навистина се однесува диманично и рафинирано. Под поклопецот се крие добро-познатиот 3-литарски V6 TDI на Audi кој во оваа конфигурација испорачува 272 коњски сили и одлични 600 Nm вртежен момент. Тешко е да се опише колку мирно и рафинирано работи моторот во Q7 – во ентериерот не се пренесуваат никакви вибрации а звучната изолација е на импресивно-високо ниво. Запознајте ја педалата за гас со дебелиот патосник под неа и големиот SUV ќе забрза до 100 километри на час за 6.3 секунди и ќе продолжи да забрзува сè до 234 километри на час – тоа се бројки кои ги очекуваме кај спортски хечбек, не кај голем луксузен теренец!

Намалената тежина се чувствува и во возење – го нема чувството на голем, тежок SUV на кој масата му се пренесува од една страна на друга. Чувството зад воланот е дека се возите во голем луксузен седан. Во ред, не би можеле да го наречеме возењето атлетско, но опремен со воздушна суспензија, големиот Q7 лесно се справува со свиоците и кога е во „Dynamic“ режим на работа ја менува насоката на движење со подготвеност која е несвојствена за вакви возила. Од друга страна, кога сте во некој од понормалните режими на работа, Q7 е комфорен, ги впива сите нерамнини и неправилности од подологата – а вие се возите во опуштена и тивка атмосфера.

Сè што ќе допрете оддава чувство на луксуз и делува скапо

audi-q7-carclub-frontseats

Зборувајќи за атмосферата, време да зборуваме за ентериерот. Кога ќе ја отворите големата возачка врата ќе ве пречека ентериер кој едноставно веќе го очекуваме од Audi. Сите површини се обложени со квалитетни материјали, сè што ќе допрете оддава чувство на луксуз и делува скапо, а севкупното чувство во кабината може да се опише како луксузно. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, сите контроли се јасно поставени и лесно достапни, па иако ова е сериозно голем автомобил, сепак возењето не претставува проблем – но сензорите за паркирање и камерата за движење наназад се добредојдена опрема.

audi-q7-carclub-interior-audi-virtual-cockpit

Големите седишта повеќе се како луксузни фотелји и нудат одлична поддршка, а особено внимание заслужува Audi Virtual Cockpit инструментниот панел кој на голем, 12-инчен дисплеј поставен пред возачот може да ги прикаже сите потребни информации – од „традиционалните“ инструменти, па сè до контрола на мултимедијалниот уред и навигацијата. Одлично парче висока технологија кое се надеваме дека ќе го видиме кај сè повеќе модели!

Q7 може да се нарача и со трет ред седишта – доколку имате потреба од нив!

audi-q7-carclub-rearseats

Секако, Audi Q7 може да се нарача и со трет ред седишта – но за жал нашиот тестен модел дојде само со два реда. На задната клупа има повеќе од доволно простор за комфорно патување и на подолги релации, но сепак не би препорачале да седат тројца патници на неа. За двајца патници е идеално, а бидејќи може да се нагоди наслонот на задните седишта, патувањето е комфорно и за патниците позади. Во ентериерот има многу места за одлагање дребулии, а багажниот простор нуди капацитет од 770 литри, односно дури 1955 литри со преклопени втор и трет ред седишта!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Über-караван со 630 коњски сили - претставен Audi RS 6 Avant GT!

audi-q7-carclub-loadbay

Секако, бидејќи се работи за луксузен автомобил, нашиот тестен модел дојде повеќе од богато опремен – тука беа одличните LED предни светла, воздушната суспензија, мулти-зонскиот клима уред, сензорите за паркирање, S-Line опремата која вклучува кожни спортски седишта со загревање и спортски управувач, споменатиот Audi Virtual Cockpit, мултимедијалниот уред со голем 8.3-инчен дисплеј со одлична навигација, можност за поврзување на екстерни уреди, можност за поврзување преку Bluetooth, системот за адаптивно контролирање на суспензијата со неколку режими на работа, и уште многу, многу други играчки.

Рафинираниот V6 TDI се покажа како економичен сопатник

audi-q7-carclub-interior-details

Возењето низ град со Audi Q7 е полесно од она што очекувате – заради формата на автомобилот, високата седечка позиција, но и големите стаклени површини – прегледноста е одлична и лесно се препознаваат „границите“ на големиот SUV, па и релативно е лесно да се движите низ градскиот метеж. Маневрабилноста е задоволителна, а паркирањето е олеснето благодарение на сензорите за паркирање и паркинг-камерата. Ние го возевме Q7 неколу дена низ градскиот метеж, како и надвор од улиците – и измеривме просечна градска потрошувачка од 10.5 литри на 100 километри, која во одредени услови се симна и под 10 литри на 100 километри – одлични резултати за волку големо возило!

audi-q7-carclub-euroncap

На самиот крај, да напоменеме и за безбедноста. Новиот Audi Q7 освои максимални 5 ѕвездички на тестиратања за безбедност на EuroNCAP. Тоа се должи на целата лепеза системи за активна и пасивна безбедност, како и многуте воздушни перничиња кои се дел од стандардната опрема.

Новиот премиум SUV на Audi е модерен, лесен, технолошки-напреден и безбеден автомобил!

Audi вложи многу во својот знаменосец меѓу SUV моделите, и вложените труд и внимание донеле одлични резултати – новиот Q7 е модерен, лесен (барем во контекст на класата), технолошки-напреден и безбеден автомобил, кој истовремено може да понуди нивоа на луксуз и рафинираност кои е тешко да се надминат. Луксузните теренци не се по сечиј вкус – тоа е совршено јасно – но новиот премиум SUV на Audi е таму горе, меѓу најдобрите!

  • Мотор: 3-литарски турбодизел, 6 цилиндри
  • Моќност: 272 коњски сили / 3250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 600 Nm / 1500-3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 234 км/час
  • Забрзување 0-100: 6.3 секунди
  • Должина: 5050 mm
  • Ширина: 2212 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1740 mm
  • Тежина: 2070 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2994 mm
  • Багажен простор: 770 литри (без трет ред седишта)
  • Потрошувачка: 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Audi Q7 3.0 TDI S-Line – 103.987 Евра
    Повеќе информации: AUDI.com.mk
Поврзано:   Audi го направи последниот R8

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.