ПРЕМИЕРА: Новите BMW X5 M и X6 M напаѓаат со по 625 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новите BMW X5 M и X6 M напаѓаат со по 625 коњски сили!

Одберете BMW X5 M или X6 M Competition и вашиот мега-SUV ќе може да забрза до 100 километри на час за само 3.8 секунди!

BMW тукушто ја претстави најновата генерација на мега-SUV моделите на М-дивизијата – новите X5 M и X6 M.

Двата големи, супер-спортски SUV модели користат 4.4-литарски M TwinPower V8 турбо-бензинец кој испорачува скоро неверојатни 600 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Но бидете храбри и нарачајте го Competition пакетот – и ќе добиете дополнителни 25 коњски сили – и можност вашиот мега-SUV да забрза до 100 километри на час за само 3.8 секунди.

Инаку, без оглед кој модел ќе до одберете, силата се пренесува кон сите четири тркала преку M Steptronic автоматски менувач со осум брзини и Active M диференцијал. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час, но побарајте (односно доплатете) и тој лимит може да биде подигнат на 290 километри на час со M Driver’s пакетот.

Дополнително, X5 M и X6 M добиваат адаптивна суспензија, ревидирано управување и специјални зајакнувања на шасијата. Добиваат и огромни сопирачки со 395-милиметарски дискови на предните тркала, односно 380-милиметарски дискови на задните тркала. М-верзиите ќе ги препознате преку агресивните браници, четирите завршетоци на издувниот систем, специјалните значки и големите тркала. Во „основна“ варијанта X5 M и X6 M добиваат 21-инчни тркала, но доколку одберете Competition верзија ќе добиете 21-инчни тркала на предната оска, односно 22-инчни тркала на задната оска. Машала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.