Volkswagen ID.R е најбрзиот автомобил на Goodwood на сите времиња! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen ID.R е најбрзиот автомобил на Goodwood на сите времиња!

Електричниот тркачки автомобил на Volkswagen го сруши 20 години стариот рекорд и постави ново најбрзо време на фамозната ридско-брзинска патека.

Со вештините на возачот Роман Дума позади воланот, ID.R ја помина целата патека за само 39.9 секунди. Тоа е за 1.7 секунди побрзо од претходниот сопственик на рекордот – Ник Хајдфелд кој го постави своето најбрзо време од 41.6 секунди со значително помалиот McLaren MP4/13 Формула 1 болид. Тој беше погонуван од V10 агрегат со околу 780 кс во шасија со тежина од речиси 600 килограми. За споредба, ID.R е скоро двојно потежок и располага со помала сила од околу 670 кс.

Ако се прашувате како е ова можно, тоа е бидејќи Volkswagen специјално го припремиле автомобилот за оваа патека, која е прилично кратка па извадиле дел од батериите, а исто така користеле меки Bridgestone пневматици за максимален контакт со подлогата. За разлика од нив, болидот на Хајдфелд бил со исти прилагодувања како за патеката SPA, која е најдолга од Формула 1 календарот, со долги правци и брзи кривини, па тој имал тешкотии во управувањето.

Сепак, заслужни за новиот рекорд се и модерните аеродинамички елементи, благодарение на кои ID.R менува насока како “количка на далечинско“ и инстантниот вртежен момент од електромоторите кој му овозможува инстантно забрзување.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.